Тужбата е за филмот „The Rip“, трилер на Нетфликс во кој главните улоги ги играат токму Афлек и Дејмон. Тие глумат полицајци од Јужна Флорида кои наоѓаат милиони долари во една куќа.
Дел од приказната е позајмен од вистински случај. Во 2016 година, полицијата нашла над 21 милион долари поврзани со осомничен трговец со марихуана во куќа која се наоѓала во Мајами Лејкс.
Тужителите се Џејсон Смит и Џонатан Сантана и двајцата наредници во шерифската канцеларија во Мајами-Дејд. Сантана ја водел вистинската истрага, а Смит го надгледувал тимот.
Ниту еден од полицајците не се спомнува со име во филмот, ниту пак работеле на неговата продукција, ама во тужбата тврдат дека гледачите сепак можат да ги поврзат работите.
Ликовите во филмот прават сериозни криминали. Крадат запленети пари од дрога, убиваат претпоставен полицаец, соработуваат со луѓе од картел, подметнуваат пожар и ликвидираат федерален агент наместо да го уапсат.
Полицајците велат дека луѓето сега мислат дека тие навистина ги направиле тие работи, поради што се одлучиле да тужат.
Бараат отштета за претрпената штета, како и покривање на адвокатските трошоци. Исто така бараат и јавно повлекување на тврдењата.
Од „Артистс еквити“ се изјаснија против тужбата на почетокот од годинава. Адвокатката Леита Вокер напиша дека во филмот никаде не се тврди дека приказната е вистинита и напомена дека на самата одјавна шпица стои известување за тоа. Таа посочи и на еден конкретен детаљ, дека во тужбата никаде не е прецизирано кој лик од филмот наводно се заснова на кој полицаец.
Дејмон уште во јануари зборуваше за тоа како се подготвувале за улогите. За АП изјави дека тој и Афлек поминале доста време со полицајци од одделот за наркотици пред да почне снимањето.
„Навистина сакавме да сфатиме како функционираат тие работи меѓу нив“, рече тој.
Филмот „The Rip“ е во режија на Џо Карнахан, а премиерно излезе на Нетфликс во јануари. Моментално има рејтинг од 78% на „Ротен томејтос“.