Белгија се пласираше во осминафиналето на Светското првенство по драматична победа од 3:2 над Сенегал по продолженија, во натпревар што ќе остане запаметен по најдоцниот гол во историјата на Мундијалите. Белгијците беа на работ на елиминација, бидејќи до 86. минута губеа со 2:0, но успеаја да направат неверојатен пресврт.
Ромелу Лукаку во 86. минута го намали резултатот, а Јури Тилеманс само три минути подоцна израмни на 2:2 и го однесе натпреварот во продолженија. Кога се чинеше дека победникот ќе биде решен по изведување пенали, во 118. минута судијата Саид Мартинез по ВАР-проверка досуди пенал за Белгија по старт врз Тилеманс.
Поради расправии меѓу фудбалерите на двете селекции, изведувањето на пеналот беше одложено неколку минути. На крајот, Тилеманс беше сигурен од белата точка и погоди во 124. минута и 44. секунда, поставувајќи рекорд за најдоцна постигнат гол во историјата на Светските првенства. И покрај тоа што по голот се играа уште седум минути, Белгија успеа да ја зачува предноста и да обезбеди место во осминафиналето.