Балетот „Шехерезада“ на рускиот композитор Николај Римски-Корсаков ќе биде изведен на 19 септември, со почеток во 20 часот, на сцената на Националната опера и балет во Скопје.
Инспирирано од приказните од „Илјада и една ноќ“, делото ја спојува ориенталната фантазија со раскошната музика на Римски-Корсаков и со експресивноста на класичниот балет.
Претставата ќе биде изведена под диригентската палка на Бисера Чадловска. Кореографијата ја пренесува рускиот балет-мајстор Михаил Крапивин, според првичната постановка на легендарниот кореограф Михаил Фокин.
Сценографијата е на Марија Ветероска, додека костимите се дело на Маја Бурсаќ од Србија.
„Шехерезада“ е приказна за љубовта, љубомората, предавството и одмаздата, раскажана преку музика и танц. Во нејзиното средиште е султанот Шахријар, кој, сомневајќи се во верноста на својата сопруга Зобеида, подготвува замка со трагичен исход.
Музичката основа на балетот произлегува од симфониската свита „Шехерезада“, создадена од Римски-Корсаков во 1888 година. Композиторот не ја прераскажува дословно „Илјада и една ноќ“, туку со богата оркестрација ја создава атмосферата на нејзиниот мистичен свет.
Балетската верзија првпат била поставена во 1910 година во Париз од Михаил Фокин, во продукција на прочуениот ансамбл „Руски балет“ на Сергеј Дјагилев. Со својата смела кореографија, впечатлива сценографија и ориентални костими, претставата извршила силно влијание врз европската уметност на почетокот од 20 век.
На изведбата во Скопје ќе настапат солистите, балетскиот ансамбл и оркестарот на Националната опера и балет.