ИЈЗ предупредува: Западнонилската треска веќе циркулира во Македонија, опасниот комарец носи и други болести

Институтот за јавно здравје предупредува дека азискиот тигрест комарец е присутен во земјава, а со него расте и ризикот од болести какви што досега сме ги имале само како увезени случаи.

Вектор-преносливите заболувања, оние што се пренесуваат преку убод од комарци, крлежи и песочни мушички, сочинуваат повеќе од 17 % од сите заразни болести во светот и предизвикуваат над 700.000 смртни случаи годишно, покажуваат податоците на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) објавени во билтенот за јуни. Климатските промени и зголеменото патување го прошируваат подрачјето каде што овие вектори можат да преживеат, а Македонија веќе не е исклучок. Во земјава е потврдено присуството на азискиот тигрест комарец (Aedes albopictus), преносник на неколку тропски вируси.

Западнонилска треска – болеста што веќе циркулира кај нас

Меѓу болестите што ги пренесуваат комарците, Западнонилската треска е онаа што во Македонија не е теоретски ризик, туку потврдена реалност. ИЈЗ наведува дека во земјата е докажана циркулација на вирусот, поради што секоја година, најчесто во летните и есенските месеци, се регистрираат лабораториски потврдени случаи. Вирусот се пренесува преку комарци од родот Culex, а птиците се негов природен резервоар. Луѓето и коњите се заразуваат случајно и не можат да го пренесат вирусот еден на друг преку обичен контакт.

Според ИЈЗ, околу 80 % од заразените воопшто немаат симптоми. Кај околу 20 % се јавува блага треска, но кај помалку од 1 % болеста може да прогресира во тешка невроинвазивна форма, менингитис, енцефалитис или акутна флакцидна парализа. Најизложени се лицата над 60 години и оние со ослабен имунитет. Знаци како силна главоболка, вкочанет врат, конфузија или слабост на екстремитетите бараат итна лекарска интервенција.

Денга, Зика и чикунгуња – од увезени случаи до реален локален ризик

Трите вируси денга, зика и чикунгуња, ги пренесува истиот вид комарец, азискиот тигрест комарец (Aedes albopictus), чие присуство веќе е потврдено во земјава. Клучната разлика во однос на Западнонилската треска е тоа што кај овие заболувања човекот, а не птиците или другите животни, е главниот резервоар во урбаните средини. Заразено лице може директно да стане извор на инфекција за комарците, што овозможува појава на локални епидемии доколку вирусот навлезе во циркулација.

Досега, според ИЈЗ, во Македонија не е регистрирано локално пренесување на ниту едно од овие заболувања. Регистрирани се по еден увезен случај на Зика и на чикунгуња кај лица што патувале во ендемски подрачја, додека случаите на денга досега биле исклучиво увезени.

Институтот предупредува дека условите за локално пренесување веќе постојат поради присуството на азискиот тигрест комарец – недостасува само вирусот да навлезе во циркулација.

Симптомите кај трите заболувања се слични, висока температура, силни болки во мускулите и зглобовите, главоболка и осип. Денгата дополнително предизвикува силна болка зад очите и, кај мал број пациенти, ризик од тешка форма проследена со крварење и оштетување на органите, која може да биде животозагрозувачка. Зика е особено опасна за бремените жени, бидејќи инфекцијата за време на бременоста може да предизвика вродени аномалии кај плодот, вклучувајќи микроцефалија. Кај чикунгуња, болките во зглобовите кај дел од заболените можат да траат со недели или дури со месеци по повлекувањето на другите симптоми.

Маларија – елиминирана, но не и заборавена

За разлика од вирусните заболувања, маларијата е предизвикана од паразит од родот Plasmodium и се пренесува преку женски комарци од родот Anopheles. ИЈЗ потврдува дека маларијата е елиминирана како автохтона болест во Македонија – локално пренесување не се регистрира, но повремено се јавуваат увезени случаи кај лица што престојувале во ендемски подрачја во Субсахарска Африка, Азија и Јужна Америка.

Најопасна е формата предизвикана од Plasmodium falciparum, која е одговорна за најголемиот број смртни случаи во светот. Највисок ризик од тешка клиничка слика имаат малите деца, бремените жени и постарите лица.

Крлежите носат поинаков ризик

Покрај комарците, ИЈЗ посочува и заболувања што ги пренесуваат крлежите. Лајмската болест, предизвикана од бактеријата Borrelia burgdorferi, е најчесто регистрираното заболување што се пренесува преку крлежи во земјава, со случаи секоја пролет и лето. Најкарактеристичен знак е кружно црвенило околу местото на убодот, кое постепено се шири. Ризикот од инфекција расте колку подолго крлежот остане прикачен на кожата, па затоа навременото отстранување и раната дијагностика се од клучно значење.

Поретка, но многу поопасна е Конго-кримската хеморагична треска, која ја пренесуваат крлежи од родот Hyalomma или контакт со крв и ткива од заразени животни. ИЈЗ регистрира спорадични случаи, главно во источните и североисточните делови на земјата.

Болеста носи висока стапка на смртност доколку не се препознае навреме. Знаци што бараат итна медицинска интервенција се крварење од носот или непцата, модринки по телото, крв во столицата или во повратената содржина, како и нарушена свест.

Песочните мушички и заборавениот паразит

Најмалку познат вектор во Македонија е песочната мушичка (Phlebotomus), преносник на паразитот Leishmania. Кожната лајшманиоза се регистрира ретко и најчесто не е животозагрозувачка, но може да остави трајни лузни доколку не се лекува навреме. Болеста се манифестира како безболна јазлеста промена на кожата или чир што тешко зараснува. Потешката форма, висцералната лајшманиоза (кала-азар), ги зафаќа слезината, црниот дроб и коскената срцевина и, доколку не се лекува, може да заврши со смртен исход.

ИЈЗ ја наведува како ендемска зооноза во одредени подрачја на земјава, при што кучињата се главен резервоар на паразитот. Поради тоа, ветеринарниот надзор има важна улога во контролата на болеста кај луѓето.

Како да се заштитите?

Институтот препорачува комбинација од мерки во животната средина и лична заштита. Против комарци – отстранување на стоечката вода од дворовите (буриња, гуми, олуци), користење репеленти и мрежи на прозорците и избегнување престој на отворено од зајдисонце до зори.

Против крлежи, носење облека со долги ракави при движење низ трева и грмушки, третирање на облеката со препарати на база на перметрин, темелна проверка на телото по престој во природа и туширање веднаш по враќањето дома.

Против песочни мушички важат истите принципи за избегнување изложеност од самрак до зори, а сопствениците на кучиња треба редовно да ги заштитуваат милениците со ветеринарно препорачани средства, бидејќи тие се главниот резервоар на паразитот во Македонија.

За патниците што заминуваат во ендемски подрачја, ИЈЗ советува да ги следат официјалните здравствени препораки за конкретната дестинација, да се вакцинираат таму каде што постои вакцина (на пример, против жолта треска), да користат антималарична профилакса по препорака од лекар и внимателно да ја следат својата здравствена состојба по враќањето. Секој симптом што ќе се појави по престој во ендемско подрачје треба веднаш да се пријави на лекар, со задолжително наведување на историјата на патувањето.

е-Трн да боцка во твојот инбокс