Австриските социјалдемократи: Српските граѓани се борат за демократија, Европа мора да застане со нив

„Стојам со граѓаните на Србија кои излегуваат на улиците борејќи се за демократија, човекови права и владеење на правото“ рече портпаролката на австриската социјалдемократска партија

Српските граѓани преку своите протести покажуваат дека сакаат демократија, владеење на правото и европска иднина, изјави портпаролката за европски прашања на Социјалдемократската партија на Австрија (SPÖ) Пија Марија Винингер за време на посетата на Белград, додавајќи дека Европската Унија мора да застане со нив.

„Стојам со граѓаните на Србија кои излегуваат на улиците борејќи се за демократија, човекови права и владеење на правото. Србија е на раскрсница: или ќе продолжи по авторитативен пат или ќе го избере европскиот пат“, изјави Пија Марија Винингер, која се сретна со претставници на проевропската опозиција, граѓанското општество и студентите во Белград. Фокусот на разговорот беше, како што изјави таа, репресијата врз учесниците на протестите, состојбата на судството, борбата против корупцијата, слободата на медиумите и условите за демократски избори.

Таа оцени дека протестите покажуваат дека постои силна желба за промени и дека е важно овој политички моментум да се претвори во, како што рече, убедлива алтернатива на претстојните избори.

Таа додаде дека властите мора да престанат да ги заплашуваат демонстрантите, конечно да овозможат независна истрага за трагедијата во Нови Сад и да обезбедат слободни и фер избори.

Таа, исто така, оцени дека „ построгиот пристап на Европската Унија кон Белград е исправен“, вклучително и замрзнување на европските средства и воведување целни санкции против оние што се одговорни за кршење на човековите права“.

„Сега е до претседателот (на Србија) Александар Вучиќ и неговата влада повторно да го направат процесот на пристапување кон Европската Унија кредибилен. За тоа, само најавите не се доволни, туку конкретни и мерливи реформи. Кој сака да стане дел од европското семејство, мора да ги почитува европските вредности на демократијата, владеењето на правото и човековите права и да ги спроведе во пракса. Граѓаните на Србија јасно покажаа кој пат сакаат да го следат. Европа не смее да ги остави сами на тој пат“, додаде таа.

е-Трн да боцка во твојот инбокс