Австрија и Грција го кочат брзиот влез на Украина во ЕУ: „Западен Балкан не смее да биде заборавен“

Австрија и Грција бараат Украина да не добие забрзан пат кон Европска Унија на сметка на земјите од Западен Балкан.

Неколку членки на Европска Унија, предводени од Австрија и Грција, го забавуваат процесот за побрзо пристапување на Украина во Унијата, инсистирајќи дека земјите од Западен Балкан не смеат да бидат ставени во втор план. Австриската министерка за Европа Клаудија Бауер изјави дека правилата мора да бидат еднакви за сите кандидати за членство.

„Не може некои земји практично веќе да бидат со една нога во Европската Унија, додека други со децении чекаат на членство“, порача Бауер во Брисел.

Сличен став има и Грција, која според дипломатски извори смета дека европската перспектива на Западен Балкан мора да остане приоритет, потсетувајќи на Самитот во Солун во 2003 година, кога ЕУ официјално ја потврди европската иднина на регионот. Во текстот се наведува дека само Словенија и Хрватска досега успеале да станат членки на ЕУ, додека Црна Гора и Албанија моментално се најблиску до членство.

Северна Македонија, иако кандидат уште од 2005 година, и понатаму се соочува со блокади и спорови што го забавуваат процесот. Во меѓувреме, Украина со добивањето кандидатски статус во 2022 година веќе напредува побрзо од дел од балканските земји. Германскиот канцелар Фридрих Мерц предложил модел на „придружено членство“ за Украина, како преодно решение, но идејата наишла на резерви и во Брисел и во Киев.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски јасно порача дека Украина прифаќа само полноправно членство во ЕУ.. Темата за проширувањето и можниот нов модел за кандидатските земји ќе биде разгледувана на претстојните состаноци на лидерите на ЕУ и земјите од Западен Балкан во јуни.

е-Трн да боцка во твојот инбокс