Artemis Accords: Договорите кои ја цртаат новата мапа на вселената

Договорите поставуваат правила за новата ера на вселенско истражување, од Месечината до Марс.
Foto: NASA

Артемис договорите поставуваат заеднички принципи, насоки и најдобри практики за безбедно истражување на Месечината и понатамошното подалечено истражување на другите делови од вселената, додека човештвото го продолжува времетраењето на вселенските мисии и го насочува погледот кон Марс. Тие се рамката преку која државите што соработуваат во програмата Артемис треба одговорно, транспарентно и мирно да учествуваат во новата ера на истражување на вселената.

Иницирани од НАСА, договорите имаат цел да воспостават заеднички принципи што ќе осигураат дека мисиите под капата на Артемис ќе се спроведуваат одговорно. Тие се водени од НАСА и Стејт департментот на САД, а се потпишуваат на национално, а не на организациско ниво. Државите што им се приклучуваат го прават тоа доброволно.

Потеклото на договорите

Еден од клучните принципи на Артемис договорите е потврдувањето на важноста од почитување на Договорот за вселената од 1967 година, односно Договорот за принципите што ги уредуваат активностите на државите во истражувањето и користењето на вселената, вклучително и Месечината и другите небесни тела.

Договорите ја потврдуваат и важноста на Договорот за спасување и враќање од 1968 година, кој ја нагласува одговорноста на државите безбедно да ги вратат астронаутите и опремата на Земјата, како и на Конвенцијата за одговорност од 1972 година и Конвенцијата за регистрација од 1975 година.

Артемис договорите првпат беа лансирани и потпишани од осум држави во октомври 2020 година, а претставниците на земјите потписнички првпат се сретнаа лично на Меѓународниот астронаутички конгрес во Париз, на 19 септември 2022 година.

Во однос на опфатот, договорите се однесуваат на активности во орбитата, на површината и под површината на Месечината, Марс, кометите и астероидите. Тие ги опфаќаат и стабилните орбитални точки познати како Лагранжови точки во системот Земја-Месечина, како и објекти што се движат меѓу овие небесни тела и локации.

Што предвидуваат Артемис договорите?

Во документот, НАСА ги наведува клучните принципи на Артемис договорите: мирно истражување на вселената, транспарентност, интероперабилност, помош при итни случаи, регистрација на вселенски објекти, зачувување на вселенското наследство, користење на вселенски ресурси, спречување штетно мешање и управување со орбиталниот отпад.

Државите се согласуваат дека сите активности во рамки на програмата Артемис мора да се спроведуваат за мирољубиви цели и во согласност со меѓународното право. Потписничките треба да работат транспарентно, со цел да се спречат конфузија и конфликт, а научните информации да ги споделуваат со јавноста и меѓународната научна заедница.

Договорите предвидуваат и развој на системи што можат да функционираат заедно со постојната инфраструктура, со што би се зголемиле безбедноста на вселенските операции и одржливоста на мисиите. Земјите потписнички се обврзуваат да им помогнат на астронаутите и персоналот во вселената доколку се најдат во опасност.

Потписничките се обврзуваат и на зачувување на човечкото наследство во вселената, вклучително и историски значајни места како локации на човечки или роботски слетувања, артефакти, вселенски летала и други траги од активности на небесни тела.

Договорите потврдуваат дека ископувањето и користењето на вселенски ресурси е важно за безбедно и одржливо истражување на вселената. Државите треба да го информираат генералниот секретар на ОН, јавноста и научната заедница за активностите поврзани со користење на вселенски ресурси.

Во делот за координација, земјите се обврзуваат да спречат штетно мешање и да го почитуваат принципот на должно внимание. Тоа го опфаќа и воспоставувањето таканаречени „безбедносни зони“, кои можат да се формираат меѓу државите и да престанат да важат кога соодветните операции ќе завршат.

Државите потписнички се обврзуваат и да планираат безбедно, навремено и ефикасно отстранување на отпадот како дел од процесот на планирање на мисиите. Тие се согласуваат дека треба да го ограничат создавањето нов долготраен или штетен отпад, вклучително и безбедно отстранување на вселенските структури по завршување на мисиите.

До 20 април 2026 година, Артемис договорите ги имаат потпишано 63 држави, меѓу кои САД, Обединетото Кралство, Јапонија, Италија, Канада и Бразил. Листата ги вклучува и Ангола, Аргентина, Ерменија, Австралија, Австрија, Бахреин, Бангладеш, Белгија, Бугарија, Чиле, Колумбија, Кипар, Чешка, Данска, Доминиканска Република, Еквадор, Естонија, Финска, Франција, Германија, Грција, Унгарија, Исланд, Индија, Израел, Јордан, Латвија, Лихтенштајн, Литванија, Луксембург, Малезија, Мексико, Холандија, Нов Зеланд, Нигерија, Норвешка, Оман, Панама, Перу, Филипини, Полска, Португалија, Република Кореја, Романија, Руанда, Саудиска Арабија, Сенегал, Сингапур, Словачка, Словенија, Шпанија, Шведска, Швајцарија, Тајланд, Украина, Обединетите Арапски Емирати, Уругвај и Соединетите Американски Држави.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни