„Археологија на сегашноста“: изложба што го претвора отпадот во уметност и прашање за иднината

Нов уметничко-еколошки проект ја отвора дилемата што ќе оставиме зад себе како општество. Преку дела создадени од отпад собран на 15 локации низ Македонија, изложбата ги спојува уметноста, екологијата и културното наследство. Настанот вклучува и работилница за активно учество на публиката.

Проектот „Археологија на сегашноста“ претставува истражувачки уметнички и еколошки концепт што го поставува прашањето: што ќе откријат идните генерации кога ќе копаат низ остатоците од нашето време.

Во периодот од јули до октомври 2025 година, биле посетени 15 локации низ Македонија кои претставуваат значајно културно и природно наследство. Од овие простори биле собрани различни видови отпад – често игнорирани или невидливи за посетителите – кои подоцна станале основа за создавање на уметнички дела.

Од тие материјали се изработени скулптуроидни асемблажи, при што секое дело ја раскажува приказната за местото од кое потекнува, откривајќи ги неговите еколошки, социјални и историски слоеви. Делата функционираат како „артефакти на сегашноста“, кои ја документираат реалноста на современото општество.

Изложбата нуди двослојно искуство – од една страна ја претставува приказната на конкретните локации, од антички населби до природни подрачја, а од друга страна отвора поширока рефлексија за улогата на човекот во создавањето на културното и еколошкото наследство.

Настанот не завршува со самото разгледување, туку продолжува со интерактивна завршница – работилница за уметност од отпад, на која посетителите ќе имаат можност самите да создаваат „артефакти на сегашноста“.

На отворањето ќе присуствува и специјален гостин – Катерина Илијовска од платформата „Yes for Less“, која се фокусира на одржливо живеење, додека фотографиите што го документираат процесот на создавање се дело на Нина Величковска.

Авторка на проектот е Ана Тодоровска, уметница која ги комбинира психологијата и визуелната уметност. Таа има образование од областа на психологијата и визуелните уметности, а нејзината работа е насочена кон истражување на личниот развој, екологијата и реупотребата на материјали.

Проектот „Археологија на сегашноста“ е поддржан од Министерството за култура и туризам во 2025 година, со дополнително самостојно финансирање.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни