„Дни оловни“ – песна со возвишен рок сензибилитет

Новата песна „Дни оловни“ е жив доказ дека и по две децении, Архангел без напор ја враќа онаа препознатлива сурова магија, потсетувајќи не зошто нивното место на македонскиот музички трон останува недопрено.

Пишува: Ненад Георгиевски

Архангел не е само бенд, туку еден од најважните столбови на македонската рок култура, кој успеа да го дефинира звукот на неколку генерации и да остави неизбришлив временски белег. Предводени од визионерскиот и силен поетски израз на Ристо Вртев, тие создадоа совршен спој на мрачен пост-панк, алтернативен рок и длабока емотивна лирика која удира директно во сржта. Нивната карактеристична острина, енергија и силен авторски печат најдобро се отсликуваат во култните рефрени кои се пренесуваат од генерација до генерација.

Новата песна „Дни оловни“ е жив доказ дека и по две децении, Архангел без напор ја враќа онаа препознатлива сурова магија, потсетувајќи не зошто нивното место на македонскиот музички трон останува недопрено.

„Дни оловни“ е длабока, повеќеслојна песна во која метафорите сечат како жилет, пулсирајќи со препознатлив, директен и мрачен, но истовремено и возвишен рок сензибилитет.

Концертот, симболично насловен „Срцевина“ закажан за 13 јуни на Стадионот на АРМ , е концептуално продолжение на длабоката поетика на Ристо Вртев. Новата песна е најава дека може да очекуваме навистина есенција и срцевина од експлозивен звук, и концерт што ќе се памети.  

Големото враќање на сцената и издавањето на новиот албум се реализираат во организација на издавачката куќа Adriatica Records, со седиште во Љубљана, чиј фокус е промоција и поддршка на квалитетен авторски звук во регионот. Билетите се во продажба, онлајн на www.karti.com.mk/arhangel и преку нивната продажна мрежа низ цела Македонија.

е-Трн да боцка во твојот инбокс