Anthropic подготвува одговор за GPT-6 Astra пред излегувањето на берза

Притисокот од OpenAI го натера Дарио Амодеи да размислува за забрзување на новите модели, иако пред само неколку дена побара кочница за развојот.
Фото: Anthropic

Американската компанија за вештачка интелигенција Anthropic разгледува можност итно да испрати нов модел на пазарот за да го запре растот на OpenAI и нивниот GPT-6 Astra, објави Reuters повикувајќи се на три упатени извори. Потегот доаѓа непосредно пред очекуваната иницијална јавна понуда на акции (IPO) и само неколку дена откако извршниот директор Дарио Амодеи јавно побара забавување на целата индустрија поради безбедносни ризици.

OpenAI го лансираше моделот GPT-6 Astra на 3 септември, со фокус на автономно користење компјутер, софтверско инженерство и сајбер-безбедност. Моделот веќе зафаќа околу 13 отсто од корпоративните трошоци за вештачка интелигенција што ги следи платформата Ramp, додека Claude Fable на Anthropic држи 8 отсто.

Истовремено, платформата OpenRouter, која го пренасочува сообраќајот на девелоперите кон разни модели, објави дека корисниците минатата недела потрошиле повеќе пари на моделите на OpenAI отколку на оние на Anthropic. Ова е првпат OpenAI да води според овој параметар во изминатите две и пол години. Овие поместувања создадоа нервоза кај потенцијалните инвеститори во берзанското деби на Anthropic, кои досега го сметаа за неприкосновен лидер во бизнис секторот.

Плановите за евентуално ново лансирање се косат со јавните пораки на раководството. Дарио Амодеи на 12 септември објави есеј од 3.800 зборови во кој предупреди на опасности од автономни системи што би можеле да ја преземат контролата врз интернетот. Тој тогаш напиша дека развојот на способностите мора да забави. Неговиот став доби поддршка и од Сем Алтман од OpenAI и од Илон Маск.

Сега внатрешните расправи во Anthropic се водат околу балансот меѓу безбедносните тестови и потребата за чист профит. Повисоките каматни стапки ги тераат инвеститорите да бараат одржлив финансиски прилив многу побрзо отколку претходно.

Дел од актуелните инвеститори не веруваат дека моделот Astra претставува веднаш фатална закана. Големите корпорации тешко и бавно ги менуваат добавувачите на софтвер откако еднаш ќе ги интегрираат во своите системи.

Бројките покажуваат силна финансиска база:

  • Годишната стапка на приход на Anthropic достигна 65 милијарди долари на крајот на јули, што е огромен скок од околу 9 милијарди на крајот на 2025 година.
  • Компанијата проектира приходи меѓу 190 и 200 милијарди долари за 2028 година.
  • Годишната стапка на OpenAI во јули надмина 40 милијарди долари.

Дополнителен предизвик за двете водечки компании се моделите со отворен код, особено оние од Кина, кои им овозможуваат на фирмите да градат сопствена инфраструктура со пониски трошоци за токени. И технолошките гиганти ги менуваат навиките: Meta Platforms, која беше меѓу најголемите клиенти на Anthropic, сега планира да ја намали зависноста од туѓи модели и да развива сопствени капацитети.

Берзанскиот тајминг исто така претрпува измени. Сем Алтман потврди дека OpenAI нема да излезе на берза во текот на 2026 година, наведувајќи ја токму безбедноста како причина. Од друга страна, Anthropic најверојатно ќе го одложи своето IPO за периодот по ноемвриските конгресни избори во САД, иако првичните најави предвидуваа маркетинг кампањата да започне во средината на октомври.

е-Трн да боцка во твојот инбокс