Англија го елиминира Мексико и закажа четвртфинале со Норвешка на Светското првенство

Англија со 3:2 го совлада домаќинот Мексико во осминафиналето на Светското првенство. Џуд Белингам постигна два гола, а Хари Кејн додаде еден од пенал. Во четвртфиналето Англичаните ќе играат против Норвешка.
EPA/BENJAMIN FANJOY

Фудбалската репрезентација на Англија се пласираше во четвртфиналето на Светското првенство, откако во осминафиналето во Мексико Сити го совлада домаќинот Мексико со 3:2. Херој на англискиот состав беше Џуд Белингам, кој погоди во 36. и 38. минута, додека Хари Кејн во 60. минута реализираше пенал за третиот гол. За Мексико стрелаа Хулијан Кињонес во 42. и Раул Хименес од пенал во 69. минута.

Во четвртфиналето Англија ќе се соочи со Норвешка, која претходно приреди сензација елиминирајќи го Бразил со 2:1. Натпреварот на легендарниот стадион „Ацтека“ започна со едночасовно задоцнување поради невреме во Мексико Сити.

Мексико беше поконкретен во воведниот дел од натпреварот, но англискиот голман Џордан Пикфорд во 15. минута одлично интервенираше по ударот со глава на Раул Хименес. Англија првпат сериозно се закани во 26. минута преку Ентони Гордон, но домашниот голман без проблем го одбрани неговиот удар.

Иако Мексико имаше иницијатива, Англичаните за само две минути направија пресврт на натпреварот. Во 36. минута Белингам со удар со глава ја круниса одличната акција во која учествуваа Пикфорд, Деклан Рајс и Букајо Сака, а две минути подоцна повторно беше прецизен по асистенција од Хари Кејн. Тоа беа првите голови што Мексико ги прими на ова Светско првенство.

Домашната селекција намали непосредно пред паузата, кога Кињонес ја испрати топката под пречката по една одбиена топка по слободен удар. До крајот на полувремето Хименес имаше уште две добри можности, но не успеа да израмни.

Второто полувреме започна со удар во стативата на Нико О’Рајли, а само неколку минути подоцна Англија остана со играч помалку. Џарел Кванса доби директен црвен картон по интервенција на ВАР. И покрај бројчаната негатива, Англичаните добија пенал по прекршок врз Гордон, кој Кејн сигурно го претвори во гол за 3:1. Мексико повторно се врати во игра кога по уште една ВАР-проверка беше досуден пенал, а Хименес намали на 3:2.

Во самиот финиш домаќините силно притискаа во потрага по израмнување, но избраниците на Томас Тухел успешно се одбранија и го заверија пласманот меѓу осумте најдобри селекции.

Четвртфиналниот дуел меѓу Англија и Норвешка е закажан за 11 јули во Мајами.

е-Трн да боцка во твојот инбокс