Младиот македонски продуцент и диџеј Анастас е избран во престижната програма „Untold Creators by Visa“, организирана од фестивалот Untold во Романија, кој се вбројува меѓу најголемите музички фестивали во светот. Во конкуренција од 11.366 апликации од повеќе земји, тој е еден од само 25-те артисти кои обезбедија место во интернационалната програма.
Ова е прва година во која Untold отвора можност за учество на артисти надвор од Романија, што дополнително го зголемува значењето на изборот. Во рамки на програмата, учесниците имаа можност да работат со реномирани продуценти и ментори од светската електронска сцена, стекнувајќи нови знаења и искуства.
Како дел од завршната фаза, сите избрани артисти снимија авторски DJ сетови, по што започна и официјалното гласање за најдобар настап. Четворица учесници ќе добијат можност да настапат на фестивалските сцени на Untold, додека еден од нив ќе се најде на главната сцена пред десетици илјади посетители.
Анастас има 26 години и доаѓа од Скопје. Во изминатиот период настапуваше покрај познати имиња од електронската сцена како Argy, Hugel и Andrew Meller, а беше и резидент диџеј во „Станица 26“. Неговите музички изданија се објавени за лејбли како „Cafe De Anatolia“ и „Garden of Dreams“, а неговиот препознатлив стил комбинира melodic house, organic house и современа електронска продукција.
Настапот на фестивал од калибарот на Untold би претставувал значаен исчекор во кариерата на младиот македонски артист и можност за промоција на домашната електронска сцена пред меѓународна публика.