Австралискиот стенд-ап комичар Амос Гил ќе биде главната ѕвезда на отворањето на осмото издание на Интернационалниот фестивал на комедијата „Summer Comedy Marathon“, кој ќе се одржи на 21 јули во Охрид. Публиката ќе има можност да го проследи неговото најново и наградувано соло шоу „The Pale, Stale, Straight White Male“, кое пристигнува во Македонија по успешната европска турнеја на која настапуваше како специјален гостин на Џим Џефрис.
Амос Гил важи за еден од најистакнатите австралиски комичари на денешницата. Препознатлив е по остриот хумор, сарказмот и брзата импровизација, преку кои ги коментира општествените апсурди, политичките теми и секојдневните нелогичности. Неговите настапи се познати по директниот пристап и интеракцијата со публиката, што го прави еден од најбараните комичари на меѓународната стенд-ап сцена.
Кариерата ја започнал како радио водител, а денес настапува низ Австралија, САД и Велика Британија. Зад себе има настапи на престижни сцени како Сиднејската опера и „Медисон Сквер Гарден“, како и повеќе меѓународни турнеи со познатиот американски комичар Џим Џефрис. Покрај стенд-ап настапите, тој е и ко-водител на популарниот подкаст „At This Moment“.
Организаторите истакнуваат дека со гостувањето на Амос Гил фестивалот продолжува да носи звучни имиња од светската стенд-ап сцена, со цел Охрид и Македонија да се позиционираат како значајна регионална дестинација за современа комедија.
Билетите за шоуто веќе се пуштени во продажба по промотивна цена од 600 денари.