Американското Министерство за одбрана ненадејно го стопираше распоредувањето на повеќе од 4.000 американски војници во Европа, потег што изненади дел од воените претставници, јавуваат агенциите повикувајќи се на информации од „Волстрит журнал“.
Војниците требало да бидат испратени во Полска во рамки на планирана деветмесечна ротација. Американската армија уште во март најавила дека една бригада ќе замени други сили како дел од редовната ротација, но одлуката во меѓувреме била променета. Според извештаите, дел од опремата и персоналот веќе биле на пат, што дополнително ја направило одлуката неочекувана.
Одлуката била соопштена на состанок со командата на американските сили во Европа, EUCOM, и делови од американската војска. Според „Волстрит журнал“, EUCOM препорачал повеќе од 4.000 војници да не бидат заменети, но не побарал итно укинување на мисијата.
Војниците требало да соработуваат со партнерските сили во Полска во рамки на операцијата „Atlantic Resolve“, која САД ја започнаа во 2014 година како поддршка за сојузниците од НАТО во Европа по руската анексија на Крим.
Извештајот доаѓа околу две недели откако американскиот министер за одбрана Пит Хегсет нареди повлекување на околу 5.000 американски војници од Германија. Полска, пак, по таа одлука повторно изрази подготвеност да прими уште поголемо американско воено присуство.
Полскиот претседател Карол Навроцки изјави дека во Полска моментално се распоредени речиси 10.000 американски војници, при што најголемиот дел од нив ротираат низ други американски бази во Европа. Одлуката на Пентагон затоа се чита како нов сигнал дека Вашингтон ја преиспитува својата воена поставеност на европскиот континент.