Американски ракети погодија ирански танкер кај клучниот остров Харг

Четири ракети го погодија бродот, а екипажот се евакуира без жртви додека Вашингтон молчи за нападот.

Американски сили погодија ирански танкер во близина на нафтениот терминал на островот Харг во Персискиот Залив, јави иранската агенција Тасним. Нападот се случил во саботата наутро на отворено сидриште со четири ракети. Според првичните извештаи нема загинати или повредени морнари, а екипажот веднаш започнал постапка за евакуација од оштетениот брод. Официјален Техеран засега не соопштува детали, додека американската Централна команда одби да го коментира инцидентот.

Според дописникот на полудржавната агенција Тасним, танкерот бил погоден додека се наоѓал на редовно сидриште пред најголемиот ирански извозен терминал.

Проектилите предизвикале сериозни оштетувања на трупот. Спасувачките екипи веднаш излегле на терен за да го извлечат персоналот на безбедно. Иранските власти сè уште немаат излезено со официјално соопштение за размерите на пожарот или истекување нафта. Американската Централна команда (CENTCOM) не одговори на барањата на странските новинари да ги потврди или демантира воените дејствија.

Инцидентот доаѓа само неколку дена откако американскиот претседател Доналд Трамп објави контроверзно видео на социјалните мрежи. На снимката, генерирана со вештачка интелигенција, е прикажано уништување на островот Харг со порака дека терминалот ќе биде „разнесен на парчиња“.

Техеран веднаш предупреди дека секој директен удар врз Харг ќе предизвика жесток воен одговор. Трамп уште во јуни спомна план за преземање контрола врз островот, за подоцна да се повлече пред потпишувањето на привремената спогодба на 17 јуни, која требаше да ги прекине поморските судири.

Островот Харг претставува столб на иранската економија преку кој пред конфликтот се извезуваа околу 90 проценти од суровата нафта на земјата.

Иран е трет најголем производител во нафтениот картел ОПЕК. Поморската блокада што американската морнарица ја наметна во средината на април веќе го парализираше бродскиот сообраќај. Вашингтон тогаш одговори на иранскиот обид да го затвори Ормускиот Теснец, теснец низ кој вообичаено минува една петтина од светската нафта. Директен оган врз бродови на самото сидриште носи нов ризик од целосен прекин на нафтените испораки и скок на глобалните берзански цени.

е-Трн да боцка во твојот инбокс