ОН: Постои сомнеж дека Американскиот напад врз училиште во Иран е воено злосторство

Истражителите на Обединетите нации наведуваат дека Вашингтон извршил неселективни удари, додека Техеран одговара за злосторства против човечноста.
Фото: EPA/ABEDIN TAHERKENAREH

Американските воздушни напади врз училиште и спортски комплекс во јужен Иран претставуваат можно воено злосторство, соопшти Независната меѓународна мисија на ОН за утврдување факти. Во најновиот извештај презентиран во Женева, истражителите наведуваат дека ударите биле неселективни и однеле цивилни жртви, додека паралелно го товарат режимот во Техеран за злосторства против човечноста поради брутално задушување на домашните протести.

Истражителите на ОН утврдија основано сомневање дека американските сили прекршиле повеќе одредби од меѓународното хуманитарно право за време на воените операции започнати на 28 февруари. Фокусот на истрагата е ставен на ракетниот удар врз основното училиште „Шаџарех Тајебех“ во градот Минаб, како и на подоцнежниот напад врз спортски објект во Ламерд. Според наодите на мисијата, овие локации немале непосредна воена намена во моментот на дејствувањето.

Воените удари доведоа до масовни цивилни загуби. Само во училиштето за девојчиња во Минаб животот го загубија над 160 лица, претежно ученички на возраст меѓу 7 и 12 години и нивни наставници.

„Нападите беа изведени без доволно претпазливост за заштита на цивилното население. Кога се користи разорно оружје во густо населени урбани подрачја, последиците се предвидливи и правно неоправдани“, стои во официјалниот заклучок на експертите.

Извештајот не ја амнестира ниту иранската власт. Мисијата документира дека безбедносниот апарат на Техеран извршил системски злосторства против човечноста со цел да ги задуши масовните демонстрации што избија паралелно со воената ескалација.

Документот бележи произволни егзекуции, масовни апсења, тортура во притворските центри и намерно ускратување медицинска помош за ранети демонстранти. Овие репресивни мерки биле координирани директно од врвот на државата за да се спречи каков било граѓански отпор во заднината на конфликтот.

Официјален Вашингтон и претходно тврдеше дека сите воени мисии се водат строго според правилата на вооружен конфликт. Претседателот Доналд Трамп во јуни изјави дека училиштето не било намерна цел, иако интерните воени проверки на Пентагон подоцна признаа веројатна американска одговорност за трагедијата во Минаб. Од друга страна, Централната команда на САД демантираше какво било учество во нападите врз градот Ламерд.

Мисиите на САД и на Иран при седиштето на ОН во Женева засега одбиваат официјален коментар на новиот извештај. Ова соочување на наодите пред Советот за човекови права на ОН доаѓа во момент кога меѓународниот правен поредок трпи невиден притисок, а двете завојувани страни упорно ја префрлаат вината на спротивниот табор.

е-Трн да боцка во твојот инбокс