Изборот на грицки во САД полека се менува – а во него сè поголема улога има и вештачката интелигенција. Наместо едноставно да посегнат по омилениот производ, потрошувачите сè почесто ги прашуваат AI алатките што да изберат според нивните нутритивни потреби.
Податоците на компанијата Conagra Brands, добиени во соработка со истражувачката компанија Circana, опфаќаат повеќе од 53 милиони купувачки трансакции и 17.000 производи од американскиот пазар на грицки.
Станува збор за огромен пазар со годишна малопродажна вредност од околу 198,2 милијарди долари, кој расте побрзо од вкупниот пазар на храна.
Од „што ми се јаде“ до „што ми треба“
Според анализата, потрошувачите сè почесто не бараат конкретен бренд или производ, туку грицка што исполнува одредена цел – повеќе протеини, влакна, енергија или одреден нутритивен профил.
Трендот е особено изразен кај помладите потрошувачи. Генерацијата Z бара поинтензивни вкусови, вклучително комбинации на слатко и луто, кисело и солено.
Истовремено, купувачите повнимателно ги читаат декларациите и состојките, а AI алатките стануваат дополнителен помошник при изборот.
Класичните грицки под притисок
Промената во навиките веќе се одразува врз одредени категории.
Од Conagra посочуваат дека кексите и дел од традиционалните солени грицки бележат послаби резултати, додека ужините со поголема нутритивна вредност растат.
На промените влијаат и пошироките здравствени трендови, вклучително и зголемената употреба на лекови за слабеење во САД.
Според Боб Нолан од Conagra, начинот на кој Американците јадат и купуваат храна се променил значително во последните шест години, повеќе отколку во претходните децении.
Грицкањето така станува сè поперсонализирано – некој бара енергија, друг протеини, трет нешто слатко или луто. А сè почесто, советот пред да се стави производот во количката доаѓа од вештачката интелигенција.