Публиката на фестивалот „Охридско лето“ вчеравечер имаше можност да ужива во концертот на младата руско-американска харфистка Алиса Садикова, која настапи со програма составена од дела на Бах, Дебиси, Шопен, Мануел де Фаља, Сметана и други автори.
Садикова ја започнала вечерта со „Токата и фуга“ од Јохан Себастијан Бах, во транскрипција за харфа на Белов, а потоа извела и кинеска музика, два става од „Свита Бергамаск“ од Клод Дебиси – „Прелудиум“ и „Клер де Лун“.
На програмата биле и варијации на теми од операта „Норма“ од Белини, дело на Париш Алварс, „Фантазија-импромпту“ од Шопен во транскрипција за харфа, музика од Мануел де Фаља, како и „Фантазија за харфа“ од „Влтава“ на Беджих Сметана, во транскрипција на Трнечек.
„Сакам музика за пијано и сметам дека таа звучи многу убаво на харфа. Мислам дека звучи поинаку, но сепак е премногу убаво на харфа. Секако, изведбата на пијано е многу полесна отколку на харфа поради педалите и промената на хармониите. Тоа е голем предизвик“, рече Садикова.
Таа се осврна и на акустиката на просторот во кој настапи.
„Целата црква е преубава, го сакам звукот на харфата во неа, секоја нота звучи совршено. Секој човек многу убаво ќе ја слушне харфата овде, без да се користи микрофон“, додаде Садикова.
Алиса Садикова е родена во Санкт Петербург, каде започнала да учи харфа во класата на Карина Малеева во Специјалната школа за талентирани деца при Конзерваториумот „Н. Римски-Корсаков“.
Образованието го продолжила како стипендистка на Фондацијата „Салви“ во школата „Кембриџ музика мунди“ во Белгија, во класата на Кетрин Мишел, а потоа и на престижната школа „Џулијард“ во САД, каде дипломирала минатата година.
Во моментов е запишана на постдипломски студии во класата на Ненси Ален на „Џулијард“, со стипендија од Фондацијата „Ковнер“.
Во нејзината биографија се впишани повеќе од 20 први награди од меѓународни натпревари, со што се вбројува меѓу најнаградуваните млади харфисти на денешницата.