Нигерискиот милијардер Алико Данготе ја започна најголемата јавна понуда на акции во историјата на африканскиот континент, нудејќи им на граѓаните три проценти од сопственоста во својата нафтена рафинерија. Со овој потег, најбогатиот Африканец планира да собере до 2,1 милијарди долари. Продажбата предизвика масовен интерес кај локалното население, иако финансиските експерти отворено предупредуваат на пазарните ризици што ги носи ваквото тргување.
Рафинеријата на Данготе, чија изградба траеше повеќе од една деценија, официјално започна со производство во 2024 година и денес обезбедува над 70 проценти од енергетските потреби на Нигерија. Милијардерот изјави дека преку оваа понуда сака да им овозможи на обичните луѓе директно да учествуваат во успехот на проектот.
Јавната понуда ќе трае еден месец, а прагот за влез е поставен ниско: минималниот пакет од 10 акции чини околу четири долари. Поради тоа, илјадници граѓани побрзаа да купат удел.
„Се надевам дека мојот мал влог еден ден ќе порасне. Не сакам да ја пропуштам оваа прилика затоа што вложуваат и многу луѓе што ги познавам“, изјави за Би-би-си Исах Салису, жител кој подигнал 50.000 наири (околу 37 долари) од сопствената заштеда за да влезе во берзанската трка.
И покрај еуфоријата околу проектот што го менува енергетскиот биланс на Западна Африка, стручната јавност повикува на трезвеност. Економскиот експерт д-р Абдулразак Ибрахим Фаге оценува дека потегот има историски карактер, но ги потсетува почетниците дека пазарот на капитал носи реална опасност од загуба.
Според Фаге, цената на акциите може да осцилира и да падне, па граѓаните не треба да ги ставаат на коцка парите неопходни за секојдневен живот. Совет до новите инвеститори е да не вложуваат средства што ќе им затребаат во следните неколку месеци, туку исклучиво суми без кои можат да функционираат во наредните три до четири години.