Ален Рустемовски фуриозно тргна во Таранто: Се пласираше во четвртфинале

Македонскиот боксер издоминира против Михајло Декиќ, принудувајќи го судијата да ја сопре борбата пред истекот на последната рунда.

Македонскиот репрезентативец Ален Рустемовски со победа го отвори настапот на Медитеранските игри во италијанскиот град Таранто. Во осминафиналната пресметка во категоријата до 60 килограми, Рустемовски попладнево го совлада Михајло Декиќ од Босна и Херцеговина со судиски прекин во завршната рунда, со што обезбеди пласман меѓу осумте најдобри боксери на турнирот.

Македонскиот боксер имаше целосна контрола врз борбата од самиот почеток. Судијата во рингот беше принуден да го означи крајот на 20 секунди пред финалниот гонг, односно по две минути и 40 секунди боксување во третата рунда.

Предноста на Рустемовски беше убедлива и на судиските листи пред официјалниот прекин. По првите две рунди, четворица бодовни судии му доделија водство од 20:18, додека петтиот судија пресметката ја оцени со уште повисоки 20:17 во полза на македонскиот борец.

Официјалната статистика од мечот бележи дека Декиќ беше испратен во нокдаун во секоја од трите рунди. Во третиот сегмент судијата броеше и за Рустемовски, но македонскиот репрезентативец веднаш го врати темпото и го принуди реферот на дефинитивен прекин.

Дваесет и двегодишниот член на боксерскиот клуб „Пелистерски јунак“ во четвртфиналето ќе ги одмери силите против Ариол Зенели од Албанија, кој како носител беше слободен во осминафиналната рунда. Рустемовски влезе во турнирот по освоеното злато на меѓународниот куп „Мустафа Хајрулаховиќ – Талијан“ во Сараево на почетокот на месецов.

е-Трн да боцка во твојот инбокс