Фондацијата „Фросина Кулакова“ соопшти дека добитник на стипендијата „Фросина Кулакова“ за 2026 година е Ален Милковски од Куманово.
Оваа стипендија е основана во чест на младата модна дизајнерка Фросина Кулакова, со цел нејзината љубов кон уметноста, креативноста и создавањето да продолжи да живее преку поддршка на нови генерации талентирани млади автори.
Според Фондацијата, Комисијата во творештвото на Милковски препознала искреност, зрелост и длабока чувствителност – вредности кои ја надминуваат самата уметничка форма и сведочат за личноста зад делото. Неговата работа, која опфаќа цртање, пишување и различни форми на креативно изразување, отвора теми поврзани со ранливоста, болката, надежта и човечката сила.
Од Фондацијата истакнуваат дека токму ваквиот пристап кон уметноста ја потврдува нејзината улога како простор за разбирање, сочувство и позитивни општествени промени.
Посебно значење за изборот има и фактот што дел од инспирацијата на Милковски произлегува од приказната на Фросина Кулакова, која ја преточил во искрена порака за поголема свест, одговорност и грижа за човечкиот живот.
Стипендијата свечено ќе му биде доделена на 25 јуни – денот кога Фросина требаше да го прослави својот 24-ти роденден. Наместо роденденска прослава, овој датум повторно ќе биде одбележан како ден на надежта и поддршката за младите таленти, преку кои продолжува да живее нејзината љубов кон модата, уметноста и творештвото.
Фондацијата му упати честитки на Ален Милковски и му посака неговиот уметнички пат да продолжи со истата посветеност, храброст и искреност. Во соопштението се наведува дека неговиот уметнички глас има потенцијал да отвора важни општествени прашања и да инспирира нови генерации млади луѓе.
Воедно, Фондацијата изрази благодарност до сите кандидати кои учествуваа на овогодинешниот конкурс. Оттаму посочуваат дека секоја апликација носела уникатна приказна, талент и визија, поради што изборот бил исклучително тежок.
„Комисијата имаше привилегија да се запознае со млади луѓе чија креативност потврдува дека иднината на македонската уметност има силна, храбра и инспиративна генерација“, се наведува во соопштението.
Фондацијата „Фросина Кулакова“ останува посветена на својата мисија за поддршка на младите таленти и афирмација на уметноста како простор во кој се раѓаат надежта, емпатијата и општествената одговорност.
Од таму порачуваат дека секоја доделена стипендија е повеќе од признание – таа е потврда дека талентот, добрината и љубовта што Фросина ги носела во себе продолжуваат да живеат преку новите генерации творци и нивните идни успеси.