Унгарското дуо Будапесме го објави албумот „Македонија“ со изворни македонски песни

Антологискиот албум „Македонија“ на унгарското дуо Будапесме официјално излегува на 15 јули, носејќи осум изворни македонски песни до унгарската и светската публика. Проектот, реализиран со учество на истакнати македонски музичари, има за цел да го промовира и зачува богатото македонско музичко наследство.
Screenshot

Културниот центар Balkan Heritage од Будимпешта го претставува своето прво музичко издание под сопствена дискографска куќа, антологискиот албум „Македонија“ во изведба на унгарското дуо Будапесме. Албумот ќе биде достапен во дигитален формат и на винил.

Изданието содржи осум изворни македонски народни песни, меѓу кои „Ајде сонце“, „Подигни си бре невесте дулачето“, „Ој, Зарино прва севдо“, „Ибраим оџа“ и „Море чичо рече“. Изборот на композициите го направил Златко Панзов, со цел да бидат претставени песни од различни делови на Македонија, а текстовите да ја задржат својата автентичност и духот на времето во кое настанале.

Зад името Будапесме стојат Вероника Варга и Бенедек Рети, музичари од Будимпешта кои ги поврзува љубовта кон македонската и балканската традиционална музика.

Главен иницијатор и извршен продуцент на проектот е Златко Панзов, културен менаџер, организатор на „Денови на македонска култура во Будимпешта“, преведувач и лектор по македонски јазик на Универзитетот ЕЛТЕ. Тој го водеше проектот од изборот на репертоарот до финалната продукција на винилното издание.

Посебна вредност на албумот му дава учеството на тројца истакнати македонски музичари. Наум Петрески се појавува како еден од најпрепознатливите интерпретатори на македонската народна песна, професор д-р Горанчо Ангелов со својата виртуозност на гајда придонесува за автентичниот звук, додека хармоникашот Мишел Трајковски внесува современ музички израз преку спојот на фолклорни, етно и џез елементи.

Аудиоматеријалот е снимен во студиото XL Момироски во Скопје, а големо внимание е посветено и на визуелниот идентитет. Дизајнот и корицата на албумот се инспирирани од македонската традиција, со што винилното издание добива и колекционерска вредност.

Со албумот „Македонија“, Balkan Heritage и дуото Будапесме отвораат ново поглавје во промоцијата на македонската музичка традиција пред меѓународната публика.

е-Трн да боцка во твојот инбокс