Албанија замрзна цени на над 200 прехранбени производи и лансираше апликација за споредба меѓу маркети

Преку апликација граѓаните споредуваат маркети, а трговците ризикуваат казни ако вештачки ги билдаат маржите до јануари.
Фото: Santeri Viinamäki, CC BY-SA 4.0, via Wikimedia Commons

Албанската влада ја промовираше дигиталната платформа „Pasqyra e Çmimeve“, преку која потрошувачите можат во реално време да ги следат и споредуваат цените на основните прехранбени артикли во маркетите. Мерката опфаќа замрзнување на цените на над 200 клучни производи со просечно намалување од 20 до 22 отсто сè до средината на јануари. Премиерот Еди Рама најави инспекциски контроли и високи финансиски санкции за секој трговски синџир што ќе се обиде да профитира преку вештачки ценовни шпекулации.

Новата платформа, достапна на посебен веб-портал, функционира како јавен регистар на малопродажните цени низ супермаркетите во Албанија. Во рамките на иницијативата е договорен фиксен ценовен режим за кошница од 212 производи (додека системот мониторира вкупно до 238 артикли), кои бележат просечен пад меѓу 20 и 22 проценти.

Опфатените производи ги вклучуваат основните прехранбени категории: леб, млеко, млечни производи, брашно, масло за јадење, шеќер, месо и сезонски зеленчук. Договорениот ценовен режим останува во сила до 12 јануари 2027 година, со цел да се спречи вообичаениот ценовен шок што ги погодува семејните буџети пред и за време на новогодишните празници.

Властите во Тирана децидно нагласија дека мерката не претставува класично административно наметнување таван на цените, туку механизам за гарантирање фер услови и транспарентност. Премиерот Еди Рама посочи дека законот предвидува строги казни за сите трговски субјекти кај кои ќе се утврди пазарна шпекулација или неоправдано зголемување на маржите.

Инспекторатите ќе ги користат токму податоците од платформата како појдовна основа при теренските контроли. Граѓаните добиваат улога на контролори, со оглед на тоа што секое несовпаѓање меѓу дигитално пријавената цена и реалната сметка на каса претставува директен прекршок.


Ваквиот пристап става акцент врз информираноста на потрошувачите, овозможувајќи им на граѓаните веднаш да видат кој маркет нуди најповолни услови без да одат од врата до врата. Успехот на овој модел ќе зависи исклучиво од редовното ажурирање на податоците и подготвеноста на пазарниот инспекторат реално да ги наплати најавените казни на терен.

е-Трн да боцка во твојот инбокс