Добивте втора работа: да ја обучувате машината што може да ви ја земе првата

Архитекти, адвокати, инженери и програмери сè почесто добиваат дополнителна работа: да тренираат модели на вештачка интелигенција и да им покажат како се работи нивната професија. Добрата вест е што за тоа добиваат хонорар. Лошата е што можеби ја обучуваат токму машината која ќе ги замени

Имате диплома, искуство и кредит. Сега имате уште една работа навечер: да му објасните на алгоритам како размислува човек што знае што прави. Преку ден сте архитект, навечер ѝ објаснувате на ВИ како архитект решава проблем. Преку ден сте адвокат, навечер ѝ покажувате како се анализира договор. Ако добро си ја завршите работата, моделот утре ќе знае малку повеќе, а вие ќе имате неколку десетици долари повеќе.

Rest of World разговарал со архитекти, адвокати, инженери и други квалификувани професионалци во Кина кои земаат дополнителни gig ангажмани како AI тренери. Причината не е особено футуристичка: платите стагнираат, работата е понесигурна, а киријата и кредитот сè уште не прифаќаат „технолошка трансформација“ како средство за плаќање.

Една архитектка од Шенжен, на пример, почнала да тренира AI откако приходите ѝ паднале. Нејзината задача била да му задава на моделот реални професионални проблеми и потоа да му објаснува како искусен архитект би дошол до решението. Со други зборови, ако веќе пазарот ви ја намалил вредноста, барем можете дополнително да заработите така што ќе помогнете машината уште подобро да ја разбере вашата професија. Капитализмот понекогаш има смисла за хумор.

Вештачката интелигенција веќе не сака само да знае што има на фотографијата

Првата голема армија на работници што ги тренираа AI моделите правеше едноставни работи: означуваше фотографии, категоризираше текстови и транскрибираше аудио. Сега машината сака нешто поскапо — сака да знае како мислите.

За да стане подобра во право, архитектура, финансии, инженерство или програмирање, не ѝ е доволно да прочита учебник. Треба некој со години искуство да ѝ покаже што прави кога правилото не е доволно: како адвокат забележува дупка во договор, како архитект знае дека нешто на хартија изгледа убаво, ама во реалност ќе биде катастрофа, или како искусен програмер гледа код и веднаш знае каде мириса на проблем.

Тоа знаење е тешко стекнато. Сега конечно може да се монетизира — еднаш. Потоа моделот ќе го користи колку што сака.

Највредниот податок сте вие

Технолошките компании долго време собираа текст, фотографии, видеа и сè друго што човештвото великодушно го остави на интернет. Но интернетот има ограничување: не содржи доволно од она што луѓето знаат, а никогаш не го напишале. Токму тука влегува експертот.

Не му се плаќа само да даде точен одговор, туку да покаже како стигнал до него. Тоа е голема разлика. Кога на некого му продавате еден час работа, по еден час завршува. Кога му продавате модел на сопственото расудување, приказната е малку поинаква.

Rest of World пишува дека дел од AI тренерите добивале меѓу 100 и 500 јуани по задача, зависно од сложеноста. Ако платформата одлучи дека задачата не е доволно добра, може и воопшто да не бидат платени. Што е убаво: не само што ја тренирате машината, туку машината посредно ве тренира и вас да бидете подобар тренер на машината.

Ако не го направам јас, ќе го направи некој друг

Една правничка со која разговарал Rest of World ја формулирала целата економија на AI во една реченица: ако таа не му го даде своето знаење на моделот, ќе му го даде некој друг. Тешко е да ѝ се замери. Кредитот не е филозофска категорија.

Од перспектива на поединецот, одлуката е рационална: има работа, има хонорар, земи ги парите. Од перспектива на цела професија, работите стануваат малку понепријатни. Ако илјадници луѓе го прават истото, моделите стануваат подобри, а ако моделите стануваат подобри, дел од работата станува поевтина.

Тогаш не мора никој драматично да ве отпушти. Може само следниот пат фирмата да вработи пет луѓе наместо десет. Нема робот да дојде со картонска кутија и да ви го земе бирото. Ќе биде многу попристојно: ќе добиете мејл за „реструктурирање“.

AI можеби нема да ви ја земе работата. Само ќе ѝ ја намали цената

Ова е веројатно најреалниот дел од дебатата за вештачката интелигенција и работните места. Досега нема доказ дека генеративната AI масовно ги брише професиите преку ноќ, но тоа не значи дека ништо не се менува.

Може да има помалку почетнички позиции, помалку луѓе за истиот обем работа, повеќе работа по човек и поголемо следење на продуктивноста. Адвокатот можеби нема да исчезне, но ако еден адвокат со AI може да направи работа што порано ја правеле тројца, некој од тие тројца веќе има проблем.

Уште поголем проблем има следната генерација. Ако автоматизацијата ги преземе почетничките задачи, тогаш се појавува едно чудно прашање: како точно ќе станете искусен професионалец ако никој повеќе не ве плаќа да бидете почетник? Технологијата можеби ќе ја автоматизира и онаа досадна работа што сите ја мразевме, само што токму таа работа често беше местото каде што учевме.

А Македонија?

Секако дека можеме да се тешиме дека ова се случува во Кина, САД и другите големи економии. Тоа обично трае додека не сфатиме дека истиот софтвер работи и овде.

OECD проценува дека околу 131.000 работници во Северна Македонија имаат вештини или задачи што се почувствителни на автоматизација со AI. Тоа не значи дека 131.000 луѓе утре остануваат без работа, но значи дека значаен дел од македонскиот пазар на труд ќе мора да се приспособува побрзо отколку што сме навикнати.

А тука Македонија има една стара национална стратегија: прво да почекаме нешто да стане проблем, па потоа да формираме работна група. Во случајов, можеби би било корисно редоследот да биде обратен. Прашањето за AI и иднината на работата веќе не е само дали некоја професија ќе исчезне, туку кои задачи ќе исчезнат, кои ќе станат поевтини, кои ќе бараат помалку луѓе и кои нови вештини ќе станат услов за да останете релевантни.

Чие е знаењето откако ќе го предадете?

Има и уште едно прашање што не е толку забавно: кога експертот му објаснува на AI моделот како ја работи својата професија, кому потоа му припаѓа тоа знаење?

Не фактот дека два плус два се четири, туку професионалниот процес, искуството, начинот на размислување и грешките што сте ги направиле за да научите што не треба да се прави. Сето она што еден човек го собира со години и што до вчера го нарекувавме „експертиза“ денес може да стане training data.

Некои од луѓето со кои разговарал Rest of World биле загрижени и затоа што платформите барале реални професионални материјали со кои ќе ги тестираат моделите. И тука веќе влегуваме во прашања за доверливост, авторски права, деловни тајни и нешто многу едноставно: дали во обид да заработите дополнителни 50 долари случајно сте ѝ дале на приватна компанија нешто што воопшто не било само ваше да го дадете?

Иронијата е прилично совршена

Луѓето отсекогаш ги учеле машините да работат подобро и тоа само по себе не е трагедија. Машините нè ослободија од огромно количество тешка, опасна и бесмислена работа.

Проблемот е што сега не ја автоматизираме само физичката работа. Почнуваме да го претвораме во софтвер и она што долго го сметавме за најчовечкиот дел од професијата: искуството, проценката и стилот на размислување.

Можеби иднината на работата нема да изгледа како во филмовите. Нема армија роботи што маршира кон канцеларијата. Ќе има човек дома во 22:30 часот, со отворен лаптоп, кој за дополнителен хонорар внимателно му објаснува на алгоритмот како се прави неговата работа.

Следниот ден ќе стане во седум и повторно ќе оди да ја работи.

Барем засега.

е-Трн да боцка во твојот инбокс