Агенцијата за филм ги објави резултатите од конкурсот за финансирање проекти за организирање домашни фестивали и други филмски манифестации од меѓународен карактер за 2026 година. Од вкупно 34 поднесени апликации, по евалуацијата поддршка добија 20 проекти.
За оваа намена се обезбедени 35 милиони денари, што е зголемување во однос на претходната година, кога биле издвоени 28 милиони денари. Финансиската поддршка од Агенцијата изнесува до 70 проценти од вкупниот буџет на секој поединечен проект.
Годинава за првпат бил воведен и модел на презентација, односно пичинг на проектите. Апликантите имале можност директно да ги претстават своите концепти и програмски насоки пред стручната комисија, со цел поголема транспарентност и повисок квалитет во процесот на одлучување.
При изборот, приоритет имале фестивали со докажан континуитет и квалитет, како и нови и иновативни концепти со едукативна вредност и јасна меѓународна ориентација.
Од Агенцијата за филм посочуваат дека со оваа поддршка продолжуваат да ги зајакнуваат домашните фестивали и филмски манифестации, кои имаат значајна улога во промоцијата и позиционирањето на македонската кинематографија на европската и светската културна сцена.
Согласно Законот за филмска дејност, Управниот одбор на Агенцијата за филм на Република Северна Македонија, на седница одржана на 30 април 2026 година, ги донел одлуките за прифатени и одбиени проекти по конкурсот за финансирање проекти од национален интерес во филмската дејност за 2026 година, наменет за организирање домашни фестивали и други филмски манифестации од меѓународен карактер.