АДПФ: Пензиите од вториот столб да не се чепкаат

Сега, преку Вториот задолжителен пензиски столб пензија земаат околу 150 лица, а во 2030 година нивниот број ќе се зголеми на 4.000-5.000

Било какво „чепкање“ во индивидуалните сметки на околу 637 илјади лица кои се дел од двостолбниот пензиски систем (односно нивно присоединување кон првиот столб), може да има само краткорочни придобивки за намалување на дефицитот во ПИОМ, но не и долгорочно решение на проблемот, порачаа денеска од Асоцијацијата на друштва за управување со пензиски фондови (АДПФ)

Според Асоцијацијата, вториот пензиски столб е стабилен и доверлив механизам за долгорочно пензиско штедење и има значајна улога во обезбедувањето финансиска сигурност за идните пензионери, како и дека идната пензија на секој поединец зависи од неговото сопствено учество во системот – времето на осигурување, работниот стаж и платата на која бил пријавуван низ годините, како и приносите кои ги остваруваат пензиските друштва кои се условени од сѐ уште конзервативната законска рамка.

Во изминатите две децении колку што постои двостолбниот пензиски систем кај нас, просечниот годишен принос на прибраните средства изнесува 5,5 отсто што е во линија на сличните системи во најразвиените држави во Европа. Во овој период кумулираната добивка на трите друшта е над 1 милијарда евра, средства кои се распределни на лицата кои се осигурени во Вториот задолжителен пензиски фонд.

Според претставниците на АДПФ, развојот на системот би требало да вклучува регулаторни промени со воведување на мултифондови, промени кај лимитите за инвестирање и листата на дозволени инструменти, но и понатамошно развивање на доброволното пензиско осигурување.

Во моментов преку Вториот задолжителен пензиски столб пензија земаат околу 150 лица, а во 2030 година нивниот број ќе се зголеми на 4.000-5.000 лица, што ќе придонесе да се релаксираат и состојбите во првиот столб, односно во ПИОМ. 

е-Трн да боцка во твојот инбокс