Администрацијата на Трамп ќе одлучува кој ќе добие пристап до новиот ChatGPT: OpenAI го претстави најмоќниот AI модел досега

Американската влада привремено ќе одлучува кои компании ќе можат да го користат новиот AI модел Sol на OpenAI. Компанијата предупредува дека ова не смее да стане трајна практика.
Фото: ishmael daro/Flickr

Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп привремено ќе одлучува кои компании ќе добијат пристап до најновиот модел на вештачка интелигенција на OpenAI. Станува збор за новиот модел GPT-5.6, наречен Sol, кој компанијата го претставува како својот најмоќен систем досега.

Според „Вашингтон пост“, ова претставува значително проширување на државниот надзор врз развојот и користењето на напредните системи за вештачка интелигенција. Во првата фаза, пристап до новиот модел ќе имаат само компании што ќе добијат одобрение од американската влада. Од OpenAI соопштија дека мерката е привремена и дека не сакаат ваквиот систем на одобрување да стане трајно решение.

„Не сметаме дека владата треба долгорочно да одлучува кој ќе има пристап до нашите најдобри алатки. Со тоа се ограничуваат програмерите, компаниите, експертите за сајбер-безбедност и глобалните партнери на кои им е потребна оваа технологија“, наведува компанијата во објавата.

OpenAI додава дека сепак ја прифатил оваа постапка како краткорочен компромис, со цел новиот модел во следните недели постепено да стане подостапен.

Според компанијата, Sol носи значителни подобрувања во програмирањето, анализата на сложени задачи и сајбер-безбедноста. Во оваа фаза моделот нема да биде достапен за индивидуални корисници, туку исклучиво за компании што ќе бидат одобрени од владата.

Иако Доналд Трамп при враќањето на функцијата најавуваше помалку регулации за технолошките компании, неговата администрација во последните недели презема поактивна улога во контролата на најнапредните AI системи. Претходно, американските власти воведоа ограничувања и за одредени модели на компанијата Anthropic, откако се појавија безбедносни загрижености поврзани со нивните напредни способности во областа на сајбер-безбедноста.

Дел од експертите предупредуваат дека американската политика кон вештачката интелигенција за кратко време преминала од либерален пристап кон значително построги и понетранспарентни правила, што би можело да влијае врз понатамошниот развој на индустријата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс