Прв автомат за таблети за абортус поставен во Полска: Активистките го отворија спроти парламентот

Уредот со 22 прегради е поставен во центар за поддршка на жени во Варшава, во земја со едни од најрестриктивните закони за абортус во Европа. Активистките го претставуваат како начин за полесен пристап до медикаментозен абортус, додека противниците бараат истрага.

Во Варшава е поставен автомат од кој жените можат да преземат таблети за прекин на бременоста, по медицинска проверка и со код за отворање на преградата. Наречен „Абортомат“, уредот има 22 розови прегради и се наоѓа во центарот Абoтак, во зграда спроти полскиот парламент.

Активистките од организациите „Аборт Дрим Тим“ и „Вимен хелп вимен“ велат дека станува збор за прв автомат од ваков вид во светот. Тој е отворен кон крајот на септември, како одговор на ограничениот пристап до абортус во Полска.

Розови прегради и код за преземање

Активистката Јустина Виджинска од „Аборт Дрим Тим“ го претставила уредот пред новинарите на Дојче веле. Автоматот е сместен во мала просторија со пригушено розово светло, светлечки украси и 22 прегради. За да добие пристап до една од нив, жената најпрво пополнува медицински прашалник. Информациите ги проверува лекар, а потоа организацијата „Вимен хелп вимен“ испраќа ПИН-код со кој се отвора преградата.

Вообичаено, пакетите содржат два лека – мифепристон и мизопростол, кои се користат при медикаментозен прекин на бременоста. Активистките објаснуваат дека автоматот треба да овозможи пристап и во ситуации кога другите форми на поддршка не се достапни или кога жените не можат безбедно да примат пратка дома.

Идејата е поврзана со распространетоста на автоматите за преземање пратки во Полска. „Кога шетате низ Полска, автоматите се насекаде. Тоа е дел од нашата култура“, вели Виджинска.

Помошта при абортус може да доведе до затвор

Полска има едни од најстрогите закони за абортус во Европската Унија. Прекинување на бременоста е дозволено кога таа е последица на кривично дело, како силување или инцест, или кога се загрозени животот или здравјето на жената. Жените што сами ќе извршат абортус не подлежат на кривично гонење, но лицата што им помагаат може да добијат затворска казна до три години. Во 2023 година, Виджинска беше осудена за помагање на жена да прекине бременост со испраќање таблети. Пресудата подоцна беше укината, а судот наложи повторно судење.

Правната основа на „Абортоматот“ е спорна. Виджинска смета дека автоматот не го прекршува законот бидејќи таблетите ги презема самата жена, но признава дека не е сигурна како би се толкувал случајот пред суд.

Правничката Сабрина Мана-Валасек, која ја застапува активистката, вели дека правната рамка е сложена. Таа тврди дека жените можат да ги нарачуваат таблетите за сопствена употреба, но организацијата Ордо Јурис не се согласува со ова толкување и ја пријавила активноста на активистките кај обвинителството.

Дополнителна нејаснотија постои околу статусот на лековите. Мифепристон не е регистриран во Полска, а нема ниту централно одобрение за негова употреба на ниво на Европската Унија, иако лекот има национални одобренија во повеќе земји членки. Затоа, тврдењата за неговата законска достапност во Полска треба да се разгледуваат одделно од прашањето дали жената може да го користи за сопствена потреба.

Католички организации се противат на автоматот

Организацијата Ордо Јурис тврди дека зад автоматот стојат луѓе кои ги набавуваат лековите, ги полнат преградите и испраќаат кодови за нивно преземање. Според неа, тоа може да претставува недозволено помагање при абортус.

Активистките велат дека пред центарот Абoтак редовно се одржуваат протести. Противниците на абортусот користат труби и мегафони, а дел од демонстрантите носат верски симболи и пораки против прекинувањето на бременоста.

Околу 130 жени дневно бараат помош

Активистката Наталија Бронијарчик вели дека организацијата „Аборт Дрим Тим“ секојдневно им помага на околу 130 жени во Полска. Според неа, околу 125 од нив користат таблети, кои чинат приближно 75 евра, додека останатите патуваат во странство за да прекинат бременост.

За споредба, во полските болници минатата година биле извршени само 851 абортус. Овој податок не го опфаќа вкупниот број прекинувања на бременост во земјата, бидејќи дел од жените користат медикаментозен абортус надвор од болничкиот систем или патуваат во странство.

Дојче веле разговарало и со 25-годишната Украинка Дијана, која живее во Варшава и ја прекинала бременоста со таблети во шестата недела, пред да започне со работа автоматот. Таа до информациите за пристап до лековите дошла преку „Аборт Дрим Тим“.

Политичките ветувања за промена на законот остануваат неизвесни

Премиерот Доналд Туск пред парламентарните избори во 2023 година вети дека ќе овозможи абортус на барање до 12-тата недела од бременоста. Но, неговата владејачка коалиција, составена од левичарски и конзервативни партии, не успеа да постигне договор за таква реформа. Предлозите за либерализација на законот не добија доволна поддршка во парламентот во 2024 година.

Во октомври годинава, полскиот Сејм усвои два нови законски предлога. Едниот предвидува повторно дозволување абортус во случаи на тешки и неповратни аномалии на плодот, а другиот делумно ја укинува кривичната одговорност за помагање при абортус.

Сенатот ги усвои без измени во ноември, а потоа беа испратени кај претседателот Карол Навроцки. До 29 ноември тие сè уште не стапиле во сила. Навроцки претходно се изјасни против либерализација на законот, па нивната иднина останува неизвесна.

Одлуката од 2020 година на Уставниот суд, со која беше укината можноста за абортус поради тешки фетални аномалии, предизвика масовни протести низ Полска. Во демонстрациите учествуваа десетици илјади луѓе, главно жени.

Активистките се загрижени и од растечката поддршка за десничарските партии пред парламентарните избори следната година. Бронијарчик ја критикува и владејачката коалиција, која, според неа, не ги исполнила ветувањата за промена на законот.


„Изгубија три години, а сега, кога се приближуваат изборите, се борат за нашите гласови“, вели таа.

е-Трн да боцка во твојот инбокс