Озонската дупка порасна на 27,3 милиони квадратни километри, но обновувањето на озонот продолжува

Озонската дупка над Антарктикот годинава достигна 27,3 милиони квадратни километри, што е за 31 отсто повеќе од просекот за последните 20 години. Нејзината длабочина сепак останала блиску до просекот. Научниците велат дека долгорочното обновување на озонската обвивка продолжува според очекувањата.

Минатата година озонската дупка над Антарктикот беше петта најмала од 1992 година, а годинашната е меѓу најголемите во последните 48 години. Тоа го покажуваат долгогодишните набљудувања на атмосферата, меѓу кои и податоците од сателитот Copernicus Sentinel-5P. Иако ова звучи загрижувачки, големината на озонската дупка природно се менува од година во година, а долгорочното обновување на озонската обвивка продолжува според очекувањата.

Озонската обвивка е слој во стратосферата што го впива најголемиот дел од штетното ултравиолетово зрачење од Сонцето. Без неа, животот на Земјата би бил изложен на многу посилно зрачење, што влијае на здравјето на луѓето, на растенијата и на животните. Затоа секоја промена во нејзината дебелина внимателно се следи, особено над Антарктикот, каде што секоја година се отвора дупка.

Озонската дупка обично почнува да се создава во август, расте во текот на септември и најголема е од средината на септември до средината на октомври. Кога на јужната полутопка ќе дојде пролетта и температурите во стратосферата ќе пораснат, разградувањето на озонот се забавува. Тогаш поларниот вртлог слабее и на крајот се распаѓа, па до крајот на декември дупката најчесто се затвора, а нивото на озонот се враќа во нормала.

Годинава дупката порасна особено многу поради невообичаено силниот и упорен поларен вртлог. Тој подолго ги одржуваше температурите во стратосферата над Антарктикот поволни за разградување на озонот. Така дупката успеа да се рашири повеќе од вообичаено и да остане голема подолго од другите години.

На 20 септември 2026 година озонската дупка зафаќаше 27,3 милиони квадратни километри, многу повеќе од површината на самиот Антарктик. Тоа е околу 6,5 милиони квадратни километри или 31 отсто повеќе од просекот за последните 20 години во овој период од годината. За споредба, во таа површина Македонија би се сместила повеќе од илјада пати.

Големината на дупката, сепак, кажува само дел од приказната. Научниците го следат нејзиниот развој според две мерки: површината, односно колку простор зафаќа, и длабочината, односно колку е разграден озонот. Според податоците од Sentinel-5P, и покрај невообичаено големата површина, длабочината на годинешната дупка останала блиску до просекот. Со други зборови, дупката се раширила, но не е длабока како другите големи дупки досега.

Сателитот Sentinel-5P беше лансиран во октомври 2017 година како прв сателит од програмата Copernicus наменет за следење на атмосферата. Тој носи напреден мултиспектрален спектрометар наречен Tropomi, кој ги препознава карактеристичните отпечатоци на гасовите во атмосферата во различни делови од електромагнетниот спектар. Така ги снима загадувачките материи и озонот во стратосферата попрецизно и со подобра просторна резолуција од кога било досега.

Следењето на озонската дупка од вселената е неопходно за да се разбере како се менува озонската обвивка и колку се успешни меѓународните договори за заштита на животната средина. Сателитите им овозможуваат на научниците да го следат разградувањето на озонот над целата планета, вклучително и над оддалечени и речиси недостапни области како Антарктикот, каде што мерењата од земја се ограничени. Со редовни набљудувања тие ги следат промените во големината, длабочината и развојот на дупката, но и условите што го поттикнуваат разградувањето, како температурите во стратосферата и јачината на поларниот вртлог.

Долгогодишните записи им помагаат на научниците да ги разликуваат природните годишни промени од долгорочните трендови. Така може да се процени дали озонската обвивка се обновува како што се очекуваше откако, со Монреалскиот протокол од 1987 година, во светот постепено беа укинати материите што го оштетуваат озонот. Сателитските податоци се внесуваат и во модели на атмосферата, кои ги покажуваат концентрациите и на озонот и на материите што го разградуваат.


Ова следење ќе продолжи и во наредните децении. Сателитот Copernicus Sentinel-5, на сателитите MetOp од втората генерација, ќе дава долгорочни глобални мерења на составот на атмосферата. Мисијата Altius, која допрва треба да започне, ќе дава детални вертикални профили на озонот и на другите гасови, со што обновувањето на озонската обвивка ќе може да се следи уште попрецизно.

е-Трн да боцка во твојот инбокс