Времето на Балканот влегува во понестабилна и постудена фаза. Сè почести продори на влажен воздух носат дожд и бурни ветрови, а стигнуваат и првите сериозни најави за снег. Сепак, долгорочната прогноза за зимата 2026/27 укажува дека поголемиот дел од Европа ќе има значително послаба снежна сезона од повеќегодишниот просек.
Прогнозата се заснова на обединети податоци од шест водечки светски метеоролошки центри. Според нив, снегот ќе биде под нормалата во западните, централните, северозападните и јужните делови на Европа. Во ноемвриското ажурирање на моделите, очекуваните снежни врнежи се дополнително намалени и за источно-централна, јужно-централна и југоисточна Европа, а во тоа е вклучен и Балканскиот Полуостров.
Синоптичарите појаснуваат дека прогноза под просекот не значи зима без снег. Се очекуваат помали количини од вообичаените, но и периоди со снежна покривка. Според месечните проекции, во јануари снегот ќе покрива најголем дел од континентот, иако надпросечни количини се очекуваат главно на крајниот североисток, на крајниот југоисток и во мал дел од Алпите.
Главната причина за ваквата зима е исклучително силниот Ел Нињо, океански феномен во екваторијалниот дел на Тихиот Океан. Температурата на водата во источниот дел на Пацификот е повеќе од седум степени над просекот, што го прави ова најсилниот Ел Нињо во последните седум децении. Во Европа тој поттикнува благ западен тек од Атлантикот и ги засилува гребените на висок притисок од југ. Затоа температурите остануваат превисоки за снегот подолго да се задржи во низините.
Последица на тоа се прогнозите за помалку природен снег од просекот во повеќето европски скијачки центри. За празничната недела од 20 до 26 декември, првите проценки покажуваат дека снег е најверојатен во Скандинавија, Источна Европа и Алпите. Во централниот дел на континентот шансите за снег се меѓу 40 и 60 отсто.
Пред тоа, студеното време во централна и источна Европа би можело да се задржи и на почетокот на декември. Постои можност студената воздушна маса да се прошири и кон Балканскиот Полуостров. Значително заладување се очекува во Хрватска, каде што се најавуваат дожд и снег, а снег е можен и во пониските предели. И покрај студениот бран во Европа, глобалните температури и понатаму остануваат над просекот.
