Шпанија од 1 декември воведува платено боледување поради менопауза

Жените во Шпанија од 1 декември ќе добијат ново работничко право – платено боледување поради одредени здравствени нарушувања поврзани со менопаузата, кои привремено ги прават неспособни за работа.

Со оваа реформа, одобрена од шпанската влада на 20 октомври, се отвора прашање за кое со години недоволно се зборува на работните места: како здравствените промени низ кои поминуваат жените влијаат врз нивниот професионален живот и каква заштита треба да им обезбеди системот.

Шпанија уште во 2023 година воведе платено боледување поради менструални тегоби кои оневозможуваат извршување на работните обврски. Сега ја проширува социјалната заштита и на одредени состојби поврзани со менопаузата.

Менопаузата не завршува пред вратата на работното место

Несоница, хроничен замор, ненадејни напади на топлина, тешкотии со концентрацијата, главоболки и промени во расположението се дел од симптомите со кои можат да се соочат жените во периодот на менопаузата.

Додека кај некои жени транзицијата поминува со благи симптоми, кај други здравствените тегоби можат значително да го нарушат квалитетот на животот и способноста за извршување на секојдневните обврски.

На работното место, овие проблеми често остануваат невидливи. Жените можат да се соочат со притисок да ги прикриваат симптомите поради страв дека ќе бидат оценети како помалку продуктивни или професионално неспособни.

Токму затоа менопаузата сè почесто се разгледува не само како здравствено, туку и како економско и социјално прашање.

Кој ќе има право на боледување?

Новата мерка во Шпанија не предвидува автоматско право на отсуство за сите жени кои се во менопауза.

Потребна е лекарска дијагноза за здравствено нарушување поврзано со секундарно менопаузално нарушување, поради кое жената привремено не може да ги извршува работните задачи.

За остварување на правото нема да биде неопходен минимален претходен период на уплатени придонеси за социјално осигурување, со што се обезбедува поширока заштита и за жените со пократок работен стаж.

Колку ќе бидат платени жените додека се на боледување?

За разлика од стандардниот режим на боледување во Шпанија, новата мерка предвидува финансиска заштита уште од почетокот на отсуството.

Период на боледувањеНадоместок
Прв денПлата на товар на работодавачот
Од вториот до 20. ден60% од основицата за пресметка
Од 21. ден75% од основицата за пресметка


Со ова се намалуваат финансиските последици за жените кои поради здравствената состојба мораат привремено да отсуствуваат од работа.

Европа сè уште нема единствен пристап

Во Германија, Италија, Португалија и Грција не постои посебно регулирано боледување поради менопауза.

Во дел од овие земји жените можат да користат редовно боледување доколку нивната здравствена состојба го налага тоа, но без специфична законска рамка за менопаузалните нарушувања.

Покрај боледувањето, подобрата заштита на жените на работните места може да подразбира и флексибилно работно време, соодветна температура во работните простории, приспособување на работните услови и поголема информираност на работодавачите.
Дали работничките права доволно ги препознаваат потребите на жените?
Со продолжувањето на работниот век и стареењето на населението, прашањето за здравјето на жените во средните години ќе станува сè позначајно за економијата.

Менопаузата кај многу жени настапува во период кога тие имаат долгогодишно професионално искуство, изградена кариера и значајни работни одговорности.

Нивното задржување на пазарот на трудот не е само прашање на родова еднаквост, туку и на зачувување на знаењето, професионалното искуство и продуктивноста.


Шпанскиот пример отвора простор за поширока европска дебата за тоа дали постојните системи на здравствено и социјално осигурување доволно ги препознаваат специфичните здравствени потреби на жените во различни периоди од животот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс