ЕУ планира фонд од 50 милијарди евра за квантни технологии: Европа сака да стане светски лидер до 2030 година

Европската комисија предлага голем инвестициски фонд и предност за европските компании во јавните набавки, со цел да ја намали технолошката зависност од САД и Кина и да го забрза развојот на квантното компјутерство.

Европската комисија предложи инвестициски фонд во вредност од 50 милијарди евра, заедно со низа мерки со кои европските компании би добиле предност во постапките за јавни набавки. Целта е Европа до 2030 година да стане глобален лидер во квантните технологии. Предлог-законот за квантни технологии треба да ѝ помогне на Европската Унија да го намали технолошкото заостанување зад Соединетите Американски Држави и Кина во развојот на вештачката интелигенција, чиповите и компјутерството во облак, како и зависноста од трети земји.

Предлогот доаѓа во период кога загриженоста за можноста американските компании да користат таканаречени „прекинувачи за исклучување“ (kill switches), со кои би можеле да го оневозможат функционирањето на своите производи во Европа, ги засили напорите на Унијата за развој на сопствени производи и услуги.

„Сакаме квантните технологии развиени во Европа да се произведуваат тука и да се користат тука. Добрата вест е што Европа тргнува од навистина силна позиција. Имаме и многу успешна индустриска база, со една третина од сите стартап-компании во областа на квантните технологии лоцирани во Европа“, изјави европската комесарка за технологија Хена Виркунен.

Таа појасни дека сумата од 50 милијарди евра ја претставува целната големина на фондот.

Предлог-законот во наредните месеци ќе треба да биде усогласен со земјите членки на ЕУ и со Европскиот парламент пред да стапи во сила. Времето на неговата примена ќе зависи од брзината на преговорите.

Европа има повеќе јавно, но многу помалку приватно финансирање од САД

Јавното финансирање на квантните технологии во Европа минатата година изнесувало 8,6 милијарди евра. За споредба, во САД биле издвоени 5,3 милијарди евра, а во Кина 13,6 милијарди евра. Сликата е поинаква кога станува збор за приватните инвестиции. Финансирањето на стартап-компаниите за квантни технологии во Европската Унија изнесувало 1,1 милијарда евра, значително помалку од седумте милијарди евра вложени во САД.

„Со оглед на потенцијалното влијание на квантните технологии врз безбедноста, стратешките интереси и технолошката автономија на Унијата, неопходно е постапките за набавки да се ограничат на производи, системи и услуги што ги обезбедуваат субјекти под контрола на Унијата“, се наведува во предлог-законот.


Сепак, на тендерите би можеле да учествуваат и компании од трети земји со кои Унијата има воспоставено партнерство засновано на заемност. Во оваа категорија спаѓаат, меѓу другите, учесниците во водечката европска програма за истражување и развој „Хоризонт Европа“, како и субјектите од земјите што пристапиле кон Договорот на Светската трговска организација за јавни набавки. Во предлогот

е-Трн да боцка во твојот инбокс