Сè започнало со ново американско правило за извоз на напредни чипови, објавено на 16 ноември, кое стапило во сила три дена подоцна. Американското Биро за индустрија и безбедност (BIS) воведе обврска за извозни дозволи за испорака на напредни чипови во Малезија, Сингапур, Тајланд, Индонезија и Бразил. Под дополнителен надзор се ставени и центрите за податоци што им изнајмуваат голема компјутерска моќ на кинески компании од далечина.
За постојните договори за изнајмување на компјутерска моќ е предвиден рок од 90 дена за обезбедување дозвола. Досега ваквиот модел беше легален начин кинеските компании да пристапат до напредни чипови без тие физички да бидат извезени во Кина: наместо опремата да оди во Кина, кинеските компании ја користат нејзината компјутерска моќ од далечина.
Откако оваа можност беше ограничена, мораше да реагира и компанијата чии чипови ги напојуваат тие центри за податоци. „Фајненшл тајмс“ објави дека „Нвидиа“ ги известила партнерите што склопуваат сервери со нејзини чипови, меѓу кои „Дел“ и „Супермајкро“, дека нема да одобрува испораки до купувачи во Малезија, Сингапур, Тајланд и Индонезија.
Засега не е познато колку долго ќе трае прекинот, бидејќи компаниите сè уште анализираат како да постапуваат според новите правила.
Најбараните чипови одеднаш се појавија на продажба
Кога се затвораат одредени канали за пристап до технологијата, станува појасно и кој досега ги користел. Си-ен-би-си објави дека по објавувањето на новите правила на пазарот се појавила невообичаено голема количина графички процесори на „Нвидиа“, меѓу нив и илјадници од најновите модели Б300.
Според извори на телевизијата, продавачите се обидуваат да ја продадат опремата наменета за центрите за податоци од кои кинеските компании требало да изнајмуваат компјутерска моќ. Така, еден од најбараните чипови во светот за само една недела се претворил во стока што сопствениците брзаат да ја пласираат на пазарот.
Холандија му вели „не“ на Вашингтон
На другиот крај од технолошкиот синџир е холандската компанија „АСМЛ“ – единствениот производител на литографски машини без кои не може да се произведуваат најнапредните полупроводнички чипови. Најнапредните машини на компанијата, со технологија ЕУВ, никогаш не биле извезени во Кина. На кинескиот пазар се продаваат постари генерации машини, кои користат технологија ДУВ.
Токму нив ги опфаќа предлог-законот МАТЧ (Multilateral Alignment of Technology Controls on Hardware), двопартиски предлог во САД со кој сојузниците, меѓу кои Холандија и Јапонија, би биле принудени да воведат построги извозни контроли. Доколку не се согласат, Вашингтон би можел самостојно да воведе ограничувања.
Мерките би можеле да го опфатат и сервисирањето на машините што веќе работат во Кина. Во американскиот Конгрес се преговара предлог-законот да биде вклучен во годишниот закон за одбрана (NDAA), пред истекот на мандатот на сегашниот состав.
Извршниот директор на „АСМЛ“, Кристоф Фуке, во разговор за „Семафор“ понуди аргументи против претераното ограничување на извозот. Според него, контролите треба да ја штитат најнапредната технологија, но не треба да се користат на начин што целосно ќе ја фрустрира една земја и ќе ја натера двојно или тројно да ги зголеми напорите за развој на сопствена технологија.
Фуке смета дека продажбата на постарите машини ја зачувува разликата меѓу технолошките генерации и ја одржува зависноста на Кина од западната опрема. Како што посочува, „АСМЛ“ речиси три децении има удел од близу 100 проценти на кинескиот пазар на литографска опрема.
Аргументот на компанијата е дека Кина најсигурно ќе остане зависна од нејзината технологија ако продолжи да купува опрема од „АСМЛ“. Според процените, Кина оваа година би требало да учествува со околу една петтина во вкупната продажба на компанијата.
Холандија е сојузник на САД, но не по секоја цена
Холандскиот министер за надворешна трговија, Сјорд Сјордсма, порача дека никој нема да ѝ ги диктира законите на Холандија, оценувајќи ги предложените ограничувања како „далеку, далеку претерани“. Министерот за надворешни работи Том Берендсен беше уште подиректен за време на посетата на Пекинг, изјавувајќи дека законот МАТЧ не смее да биде усвоен. Пратеничката на либералната Народна партија за слобода и демократија (ВВД), Никол Мас, во парламентот го нарече предлогот катастрофален за „АСМЛ“, а со тоа и за холандската економија.
Истата холандска влада во јуни потпиша пристапување кон „Пакс Силика“ (Pax Silica), група сојузници на САД кои работат на усогласување на синџирите на снабдување за вештачка интелигенција. Холандија, значи, ја поддржува соработката со Вашингтон, но не е подготвена автоматски да ги прифати сите американски ограничувања кога тие се во судир со нејзините економски и технолошки интереси.
