Ајрон Мејден конечно влегоа во „Рокенрол куќата на славните“, но бендот не присуствуваше на церемонијата

Британските хеви-метал ветерани ја прескокнаа свеченоста во Лос Анџелес поради концерти во Австралија во рамки на турнејата за 50-годишнината.
Фото: Raph_PH, CC BY 2.0, via Wikimedia Commons

Британскиот хеви-метал бенд Ајрон Мејден официјално стана дел од „Рокенрол куќата на славните“ на церемонијата одржана на 14 ноември во театарот Пикок во Лос Анџелес. Членовите на групата не присуствуваа на настанот бидејќи во истиот период настапуваа во Австралија како дел од светската турнеја со која одбележуваат половина век постоење.

Одлуката за отсуството од свеченоста во САД менаџментот на бендот ја соопшти уште во април оваа година. Менаџерот Род Смолвуд тогаш изјави за Билборд дека бендот ќе биде на турнеја во Австралија и порача дека концертите секако ќе се одржат според планираниот распоред.

Терминот на приемот во Лос Анџелес се совпадна токму меѓу два големи стадионски настапи на групата на австралиско тло. На 13 ноември Ајрон Мејден свиреа на стадионот ААМИ Парк во Мелбурн, а веќе на 15 ноември имаа закажан концерт на стадионот Алијанц во Сиднеј.

Двата настапа се дел од светската турнеја „Run For Your Lives“, со која легендарниот состав го одбележува својот 50-годишен јубилеј. За бенд што својата кариера ја изгради врз постојани настапи по живо и директен контакт со публиката, распоредот на турнејата остана приоритет пред формалните церемонии.

И покрај празните места во салата, организаторите го спроведоа воведувањето на Ајрон Мејден во куќата на славните. Честа да ги најави и официјално да ги воведе му припадна на актерот и музичар Џек Блек, кој од сцената го поздрави нивниот ангажман.

„Тие вечерва воопшто не се тука, затоа што рокаат на светска турнеја“, рече Блек пред присутните во театарот Пикок.

Наместо членовите на Ајрон Мејден, на сцената настапи специјално составена супергрупа. Музичари од бендовите Металика и Рејџ Агенст д Машин, заедно со американската кантавторка Сент Винсент, ја изведоа култната песна „The Trooper“ во чест на британските колеги.

Ајрон Мејден не беа единствените добитници што не се појавија на годинешното издание на манифестацијата. На церемонијата не дојдоа ниту членовите на Оејзис, откако Ноел Галагер имаше закажан солистички настап во Лондон истата вечер, а Лијам Галагер порача дека Лос Анџелес е предалеку за патување од една ноќ.


Пејачката Шаде испрати писмена благодарница до фановите и гласачите без да наведе причина за отсуството, додека од составите Џој Дивижн и Њу Ордер присуствуваше само басистот Питер Хук. Сите избрани музичари се официјално примени во институцијата без оглед на нивното физичко присуство, а скратената телевизиска снимка од настанот ќе се емитува на 8 декември на каналот Еј-Би-Си.

е-Трн да боцка во твојот инбокс