Руски активист бара забрана на пицата оти била западна закана

Виталиј Бородин бара руските училишта да го исфрлат италијанското јадење и да се забранат странските зборови како „пицерија“.

Руските образовни установи треба веднаш да ја тргнат пицата од своите менија бидејќи претставува западна поткопувачка алатка, побара челникот на прокремљската Федерална фондација за безбедност и борба против корупцијата, Виталиј Бородин. Бородин преку Телеграм порача дека ова италијанско јадење е директна опасност за домашните обичаи, со повик за целосна забрана на странски зборови во угостителството, што го отсликува сè поагресивниот бран на државна изолација и лов на странски влијанија во Русија.

Во јавно обраќање објавено на неговиот официјален канал, Бородин отворено се побуни против присуството на популарната храна во мензите на училиштата и универзитетите. Според него, ова јадење не е обичен оброк, туку добро осмислена културна инфилтрација спакувана во достава.

„Нашите баби илјада години печеле традиционални руски пити, а денес ни продаваат италијанска погача со кечап“, напиша Бородин. Тој додаде дека Италија е официјално заведена на владиниот список на непријателски држави поради воената поддршка за Украина, па затоа нејзините кулинарски симболи немаат место во јавните кујни.

Барањето за цензура на храната не застанува само кај состојките. Бородин побара од руските власти со закон да ги забранат странските термини на јавните табли, рекламите и излозите доколку немаат превод. Како конкретни примери на кои им пресуди ги посочи зборовите „пицерија“, „пеперони“ и имињата на познатите синџири како „Папа Џонс“.

„Прво пица, потоа Ноќ на вештерките, па децата на крајот не знаат да набројат ниту едно домашно јадење“, наведе активистот.

Овој потег не е изолиран инцидент. Бородин со години гради кариера преку поднесување кривични пријави против независни новинари, критички настроени јавни личности и либерални граѓански здруженија. Досега на неговите списоци за полициски надзор и претреси се најдоа дури и традиционални детски ликови како Дедо Мраз, секогаш под обвинение дека шират западна деструкција.


Обидот за прогон на кулинарски навики во руското општество покажува до кој степен бирократскиот конзервативизам преминува во чист апсурд. Додека глобалната младина слободно разменува култури и гастрономски вкусови, барањата на ваквите кругови во Москва наметнуваат принуден изолационизам кој се обидува да ја контролира дури и чинијата на младите луѓе.

е-Трн да боцка во твојот инбокс