Кинеската вселенска станица „Тиангонг“ ќе го пречека својот прв странски астронаут. Според Кинеската агенција за вселенски летови со екипаж, пакистански астронаут ќе се приклучи на мисијата Шенжоу-24 како специјалист за научни експерименти, односно за опремата и истражувањата што ги носи летот.
По краткиот престој во орбитата, пакистанскиот астронаут ќе се врати на Земјата со вселенскиот брод Шенжоу-23. Тоа ќе биде првиот заеднички лет на кинески и странски астронаути во историјата на кинеската вселенска програма со екипаж.
Патот до оваа мисија започна во февруари 2025 година, кога Кина и Пакистан во Исламабад потпишаа договор за соработка за лет на пакистански астронаут до кинеската вселенска станица. Со тоа официјално започна и изборот на пакистанските кандидати.
По строг избор во три фази, кој вклучуваше прелиминарна, втора и завршна селекција, беа избрани двајца пакистански кандидати. Тие ќе поминат обука во Кина, каде што ќе мора да ги завршат сите задолжителни програми и да ги положат потребните проверки.
По успешно завршената обука, едниот кандидат ќе биде избран да учествува во мисијата, а другиот ќе биде резервен астронаут. Ваквиот систем е вообичаен во вселенските програми, бидејќи обезбедува мисијата да се реализира и ако главниот член на екипажот не може да полета.
Мисијата има големо симболично значење за Кина. Земјата долго години беше исклучена од соработката на Меѓународната вселенска станица, па изгради сопствена станица, која целосно ја заврши во 2022 година. Доаѓањето на прв странски астронаут покажува дека Пекинг сака својата станица да ја претвори во платформа за меѓународна соработка.
За Пакистан ова е уште еден чекор во вселенската соработка со Кина. Двете земји веќе имаат заеднички проекти, а пакистански мал сателит во 2024 година полета до Месечината со кинеската мисија Чанг’е-6. Првиот пакистански астронаут на кинеската станица би бил најголемиот успех на оваа соработка досега.
