Под мотото „Agentic AI – Turning AI into Real Business Value”, Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии – МАСИТ, на 18 ноември 2026 година, во „PARK by Ragusa Group” во Скопје, ја организира својата годишна конференција посветена на новата генерација вештачка интелигенција и нејзината практична примена во деловното работење.
Гостинки на конференцијата ќе биде Патриција Сокалска-Помахо (Patrycja Sokalska-Pomacho), директорка за развој на бизнисот за Централна и Источна Европа во НВИДИА (NVIDIA), една од водечките светски компании во развојот на технологии и инфраструктура за вештачка интелигенција.
На конференцијата свое обраќање ќе има и Маријан Кориенек (Marian Korienek), директор за корпоративен бизнис за Централна и Источна Европа и Централна Азија во Lenovo Infrastructure Solutions Group, како и Берат Ќамили (Berat Kjamili), Codex Ambassador во OpenAI, кој ќе зборува за преминот од агентска вештачка интелигенција кон поширока примена на овие технологии во економскиот и општествениот развој.
Во фокусот на конференцијата е концептот на агентска вештачка интелигенција (Agentic AI) – нова фаза во развојот на технологијата, во која интелигентните системи можат самостојно да извршуваат сложени задачи, да планираат активности и да учествуваат во деловните процеси. Целта е да се отвори дискусија за конкретните можности што овие технологии ги нудат за зголемување на продуктивноста, конкурентноста и иновативноста на компаниите.
Конференцијата ќе ја отвори претседателот на МАСИТ, Јордан Димитровски, а во програмата е предвидено и обраќање на претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, чие учество е во фаза на потврдување.
Една од централните дискусии ќе биде посветена на Националната фабрика за вештачка интелигенција и нејзиното значење за бизнисот. На оваа тема ќе разговараат министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски и деканот на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство, проф. д-р Петре Ламески, со модерација на Филип Петровски, заменик-претседател на Управниот одбор на МАСИТ.
Во рамките на конференцијата ќе се одржат повеќе тематски панели и експертски разговори посветени на следната генерација бизнис-модели, односот меѓу човекот и технологијата, развојот на интелигентните услуги и дигиталната трансформација на компаниите.
Меѓу учесниците се д-р Жан Митрев, кардиоваскуларен хирург, Дарко Пејчинов од InVita Healthcare Technologies Балкан и Неџат Курт, генерален директор на ТАВ Македонија. За примената на вештачката интелигенција во реалното деловно работење ќе зборува и Живко Тофиловски, потпретседател за инженерство во RLDatix.
Посебен панел ќе биде посветен на новата ера на интелигентните услуги, со учество на претставници од КИБС, КаСис и А1 Македонија, додека експерти од консултантскиот и технолошкиот сектор ќе дискутираат за бизнис-дијагностиката како основа за модернизација и раст.
Како дел од практичниот сегмент на конференцијата, предвидено е официјално отворање на клиники за вештачка интелигенција, како и работилница посветена на влијанието на технолошката трансформација врз лидерството и организациските промени.
Со годишната конференција, МАСИТ има за цел да поттикне размена на знаења и искуства меѓу домашните компании, институциите и меѓународните технолошки експерти, со посебен акцент на претворањето на потенцијалот на вештачката интелигенција во конкретна економска и деловна вредност.
Конференцијата ќе се одржи на 18 ноември, со почеток во 9 часот, во „PARK by Ragusa Group” во Скопје. Регистрацијата на учесниците започнува во 8:30 часот, а во рамките на утринската програма се предвидени и изјави за медиумите во МАСИТ Корнер.
