Новиот експериментален лек за слабеење ретатрутид на американската фармацевтска компанија Ели Лили покажа двојно поголема ефикасност од најсилната доза на Оземпик. Ова го потврдија резултатите од третата фаза на клиничките испитувања објавени во средата. Во истражувањето учествуваа повеќе од 1.000 возрасни лица со дијабетес тип 2, а оние со повисоки дози изгубија во просек над 20 килограми. Сепак, терапијата сè уште ја чека регулаторната дозвола за масовна употреба.
Во последното обемно тестирање, пациентите кои примаа повисоки дози од ретатрутид во текот на 80 недели изгубија помеѓу 20,1 и 21,5 килограми. За споредба, контролната група на пациенти третирани со максималната доза на семаглутид (познат под трговското име Оземпик) во истиот временски интервал намали во просек околу 9,5 килограми.
Покрај директното влијание врз телесната тежина, клиничките мерења регистрираа подобрување кај клучните кардиоваскуларни параметри. Кај испитаниците беше забележан намален крвен притисок, пониско ниво на холестерол и подобра долгорочна регулација на шеќерот во крвта преку гликираниот хемоглобин.
Суштинската разлика лежи во биолошкиот механизам. Додека Оземпик таргетира само еден хормон (ГЛП-1) одговорен за ситоста и лачењето инсулин, ретатрутид претставува таканаречен троен агонист. Лекот симултано делува на три различни хормонски системи: ГЛП-1, ГИП и глукагон.
Ваквиот троен пристап го забрзува метаболизмот и го намалува чувството на глад на повеќе нивоа. Фармацевтската куќа Ели Лили веќе ги пласираше лековите Мунџаро и Зепбаунд кои активираат два рецептора, а ретатрутид ја претставува следната фаза од оваа класа терапии. Лекот се администрира еднаш неделно преку поткожна инјекција.
