На снимките се гледа како учествува во уништувањето на симболичен ковчег со името на холандскиот клуб. Хрватската полиција уапси три лица и трага по други учесници во инцидентот.
Антисемитски пароли, величење на Адолф Хитлер и нацистичките концентрациони логори, како и симболичен ковчег со името на Ајакс што беше фрлен и уништен на улица. Вакви сцени го одбележаа организираниот марш на навивачката група Торцида низ Сплит, пред натпреварот меѓу Хајдук и Ајакс на стадионот „Пољуд“ на 15 октомври.
Во центарот на вниманието се најде Стипе Лекиќ, поранешен секретар и долгогодишен истакнат член на Торцида, кој според снимките објавени од хрватскиот портал „Индекс“ бил меѓу предводниците на поворката.
На снимките се гледа како Лекиќ го фрла на земја симболичниот ковчег на кој пишувало „Ајакс“, скока врз него и учествува во антисемитското скандирање.
Навивачите извикувале пароли против Евреите, го споменувале Аушвиц и повикувале на величење на Хитлер и усташкото движење.
Кој е Стипе Лекиќ?
Лекиќ е едно од препознатливите имиња на навивачката сцена во Сплит. Во втората половина на 2000-тите бил секретар на Клубот на навивачи Торцида и дел од неговото раководство.
Во управувачките структури на навивачката организација бил од октомври 2006 до август 2012 година, кога тогашното раководство се повлекло, образложувајќи дека е време за генерациска смена.
Според „Индекс“, по неколкугодишно отсуство од навивачките активности, Лекиќ во последните четири до пет години повторно се појавува во првите редови на Торцида и има значајно влијание во групата.
Неговото име и претходно било поврзувано со контроверзии поради користење нацистичка симболика.
Уште во 2007 година носел маица со симболи поврзани со Хитлеровата младина
Во 2007 година Лекиќ бил меѓу навивачите што носеле црни маици со натпис „Hajduk Jugend“, алузија на Хитлеровата младина, организација од времето на нацистичка Германија.
На маиците имало и нацистички орел, при што кукастиот крст во неговите канџи бил заменет со грбот на Хајдук.
Случајот предизвикал јавни реакции, а историчарот Твртко Јаковина ги обвинил навивачите што ја носеле симболиката за промовирање на нацизмот.
Лекиќ тогаш изјавил дека му се допаѓаат натписот и симболот, но ја отфрлил поврзаноста со нацизмот.
Контроверзијата добила дополнителни размери откако Јаковина примил заканувачка електронска порака, потпишана од лице што се претставило како припадник на „Hajduk Jugend“.
Учествувал и на протест за поддршка на уапсени навивачи
Лекиќ повторно се нашол во јавноста во ноември 2025 година, кога на сплитската Рива предводел протест за поддршка на лица уапсени по упад на манифестацијата „Денови на српската култура“.
Во тој инцидент група од околу 50 млади мажи, поврзани со Торцида, упаднале на културен настан и со националистички и усташки пароли ги заплашувале присутните.
На протестот Лекиќ побарал ослободување на уапсените и го споредил нивното притворање со историски случај од периодот на поранешна Југославија.
Во август 2026 година, на одбележувањето на Денот на победата и татковинската благодарност во Книн, според снимка наведена од „Индекс“, Лекиќ предводел и скандирање на усташкиот поздрав „За дом спремни“.
Полицијата уапси три лица, истрагата продолжува
По инцидентот во Сплит, хрватската полиција потврди дека се уапсени три лица поради сомневање за кривично дело јавно поттикнување на насилство и омраза.
Полицијата идентификувала и други учесници, а истрагата продолжува со прегледување на видеоснимките од поворката.
Засега не е потврдено дали Стипе Лекиќ е меѓу уапсените.
Надлежните наведуваат дека целта е да се утврди индивидуалната одговорност за извикувањето на паролите што содржеле елементи на казниво поттикнување омраза.
За време на обезбедувањето на натпреварот биле приведени и 28 домашни навивачи поради различни прекршоци, меѓу кои поседување пиротехнички средства и други забранети предмети. Овие приведувања се одделни од истрагата за антисемитските скандирања.
Реакции од хрватските власти и меѓународната јавност
Инцидентот предизвика реакции во Хрватска и надвор од нејзините граници.
Хрватските власти го осудија величењето на нацизмот и антисемитските пораки, нагласувајќи дека таквото однесување е спротивно на демократските вредности.
Министерот за надворешни работи Гордан Грлиќ Радман побара утврдување на одговорноста на сторителите и порача дека антисемитизмот нема место во хрватското општество.
За случувањата во Сплит известуваа и странски медиуми, особено поради симболиката насочена кон Ајакс, клуб чии навивачи историски користат еврејски симболи и називи.
