Музичкиот вкус открива колку сте компатибилни со партнерот

Истражување на австриски научници покажува дека заедничката плејлиста поврзува посилно од карактерот и животните вредности.

Музичкиот вкус открива колку сте компатибилни со партнерот многу попрецизно отколку особините на личноста или животните вредности, покажува ново истражување на Универзитетот во Инсбрук. Научниот тим анализирал стотици парови и открил дека токму споделената љубов кон исти бендови или жанрови создава поцврста база за квалитетна врска. Резултатите објавени во списанието „Social Psychological and Personality Science“ посочуваат дека музичките преференци имаат неочекувана тежина во изборот на животен сопатник.

Тимот предводен од д-р Јулија Вигл испитувал 309 парови преку три одделни студии. Сите 618 учесници одговарале на прашања за нивните музички навики, омилени изведувачи и стилови, а истовремено пополнувале прашалници за личните вредности и карактерот.

За да ја тестираат реалната поврзаност, истражувачите направиле илјадници компјутерски генерирани спојки од истите луѓе. Споредбата покажала јасна слика: вистинските партнери постојано покажувале значително поголема сличност во музичкиот вкус отколку случајно споените поединци. Таа складност била дури и поизразена од совпаѓањето на нивните карактерни особини.

Научниците наведуваат дека музиката не претставува само површно хоби, туку суштински дел од начинот на кој луѓето се доживуваат себеси. Кога некој избира музика, тој несвесно го сигнализира својот светоглед.

„Склони сме личноста и вредностите да ги сметаме за темелни делови од тоа што сме, па затоа беше интересно да видиме дека нешто навидум површно, како музичкиот вкус, покажува уште посилен образец на сличност меѓу партнерите“, изјави д-р Вигл за „Science Focus“.

Овие наоди се надоврзуваат на претходни научни согледувања од 2013 година, кои покажаа дека партнерските двојки имаат далеку посличен вкус за филмови и музика во споредба со луѓето кои не се во врска. Според авторката на студијата, разговорот за омилените песни уште на првиот состанок честопати несвесно ја поставува насоката на целиот однос.

е-Трн да боцка во твојот инбокс