Судот го забрани штрајкот на комуналците во Загреб, откако улиците се наполнаа со смет

Првостепената пресуда го прогласи протестот во Холдинг за незаконит поради кршење на социјалниот мир, но работниците одбиваат веднаш да се повлечат од улиците.

Жупанскиот суд во Загреб денеска пресуди дека штрајкот на работниците во „Загребачки холдинг“ е незаконит и нареди негова итна забрана, додека хрватската престолнина веќе трет ден се соочува со сообраќаен колапс и натрупано ѓубре. Судот оцени дека синдикатите не обезбедиле минимум работни процеси и го прекршиле постоечкиот колективен договор, но синдикалните претставници порачаа дека одлуката за прекин ќе ја донесат самите работници и најавија правна битка пред Врховниот суд.

Судискиот совет утврди дека штрајкот во комуналното претпријатие „Чистоќа“ е организиран спротивно на прописите, повикувајќи се на договорот од јули 2026 година со кој претходниот колективен договор беше продолжен. Со тоа, според образложението на судот, во моментот на стапување во штрајк бил на сила социјален мир, што го прави синдикалниот чекор преуранет.

Судот исто така констатираше дека преговорите не се воделе во добра волја, туку двете страни само испорачувале барања и го одложувале договорот. Пресудата нагласува дека правото на штрајк не смее да ги загрози животот, здравјето и безбедноста на граѓаните, што се случило со целосното изоставување на нужните комунални дејности.

Одлуката е првостепена и не значи автоматски крај на блокадата на теренот. Претседателот на Синдикатот на комуналните работници и возачи на „Чистоќа“, Мумин Хоџиќ, веднаш најави жалба.

„Одлуката за продолжување на штрајкот ќе ја донесат работниците, а не јас“, порача Хоџиќ, истакнувајќи дека судската пресуда не може да го замени колективниот договор што мора да се потпише со работодавачот.

Синдикатите имаат рок од 15 дена за поднесување жалба, по што Врховниот суд на Хрватска ќе мора да донесе конечна одлука во законски рок од пет дена.

Додека се очекува одвоената судска одлука за законитоста на штрајкот во јавниот превозник ЗЕТ, јавниот сообраќај речиси целосно стои. Низ милионскиот град утрово сообраќаат само два трамваја на линиите 7 и 12, четири вонредни автобуси кон клиничкиот центар Ребро и дваесетина камиони на комуналната служба.

Градоначалникот Томислав Томашевиќ одбива преговори под уцена се додека не се воспостават законските минимални линии, додека анкетите во јавноста покажуваат висок отпор кон прекинот на јавните услуги. Паралелно со блокадата, цените на такси-превозот преку апликациите драстично скокнаа и достигнаа до 55 евра за единечно возење, а илјадници граѓани се принудени да користат јавни велосипеди или организирано споделување автомобили за да стигнат до своите работни места.

е-Трн да боцка во твојот инбокс