Пари во плик, користење „врски“, подароци, бесплатни услуги за лекари и упатување пациенти на скапи прегледи во приватни установи се дел од формите на корупција за кои се разговараше на јавната трибина „Корупција во здравството – да зборуваме отворено“, одржана денеска во Прилеп.
Настанот е втор од серијата јавни трибини што ги организира Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените – ЕСЕ, во рамките на проектот „Посилен систем за поправедна заштита: Намалување на корупцијата во здравството“.
Од организацијата предупредуваат дека голем број граѓани не ги препознаваат различните облици на коруптивно однесување, особено кога не станува збор за директно плаќање пари.
Весна Шапкоски од граѓанската организација „Станица П.Е.Т.“, која е партнер во проектот, го посочи искуството на жена од ранлива категорија која шест месеци бесплатно чистела кај лекарка специјалист, очекувајќи таа да го оперира нејзиното дете.
„Нема директно дадени пари, но имаме размена на вредност. Ваквите примери покажуваат дека мора да излеземе од тесното разбирање дека корупцијата секогаш е само плик со пари“, истакна Шапкоски.
На трибината зборуваше и Наташа Илијоска, матичен лекар од Прилеп. Таа нагласи дека најголемиот дел од здравствените работници ја извршуваат својата работа совесно, но дека поради неетичкото постапување на поединци честопати се етикетира целата професија.
Според Илијоска, учеството на здравствените работници во борбата против корупцијата е особено важно, бидејќи тие непосредно ги гледаат проблемите и можат да понудат реални решенија.
„Корупцијата успева ако молчиме и прифатиме дека така функционираат работите. Цената на молкот е нарушен квалитет на здравствената грижа, недоверба кај граѓаните и деградирање на здравствените работници“, рече таа.
Во рамките на проектот било спроведено истражување на репрезентативен примерок од 1.040 испитаници, како и фокус-групи во шест македонски градови со околу 100 жени од различни категории.
Дарко Антиќ од ЕСЕ информираше дека „врските“, подароците и неформалните плаќања често се доживуваат како начин човек да се „снајде“, наместо како корупција. Кај граѓаните што имале директно коруптивно искуство, во 62,7 отсто од случаите станувало збор за поткуп со пари.
Овие искуства најчесто биле поврзани со специјалистички прегледи, операции и болничко лекување – услуги кај кои времето на чекање и пристапот до здравствена заштита се особено чувствителни.
Како клучни мерки за справување со проблемот беа посочени целосната дигитализација на процесите, подобрата информираност на пациентите и воспоставувањето безбедни и ефикасни канали за пријавување.
Карванот јавни трибини „Корупција во здравството – да зборуваме отворено“ наредната сабота продолжува во Свети Николе. Проектот го спроведува ЕСЕ со финансиска поддршка од „Expertise France“, преку Француската агенција за развој.