Поранешниот унгарски премиер Виктор Орбан и неговата осумчлена делегација потрошиле 20 милиони форинти (околу 50.000 евра) од парите на даночните обврзници за три ноќевања во хотелот „Долдер Гранд“ во Цирих, каде што престојувале за време на Светскиот економски форум во Давос во јануари, објави поранешниот пратеник Акош Хадази на Фејсбук, откако судскиот спор што го покрена во врска со случајот беше завршен, бидејќи тогашното Министерство за надворешни работи и надворешна трговија го отфрли неговото барање за пристап до информации од јавно значење за цената на ова луксузно патување.
Во јануари оваа година, Виктор Орбан престојувал во еден од најскапите луксузни швајцарски хотели, на сметка на граѓаните, каде што ноќевањето чинело дури еден и пол милион форинти (приближно 4.120 евра ), според Хадази на Фејсбук, објави унгарскиот портал „Непсава“.
Тој додава дека цената вклучувала услуга од батлер, додека дополнителни 1,8 милиони форинти (околу 4.970 евра) биле платени за вечера во ресторан со Мишелин ѕвездичка.
Поранешниот пратеник претходно годинава откри на социјалните мрежи дека Орбан бил практично разоткриен од неговиот снимател. Имено, едно од видеата на навигацискиот систем на автомобилот јасно покажувало дека тие престојувале во познатиот хотел „Долдер Гранд“ во Цирих за време на Светскиот економски форум во Давос.
Хадази ги добил информациите дури по промената на владата
Откако тогашното Министерство за надворешни работи и надворешна трговија го одби барањето на Хадази за пристап до информации од јавно значење за цената на ова луксузно патување, поранешниот пратеник покрена судска постапка.
„Судскиот случај беше завршен дури по промената на власта. Дури сега добив детална сметка, но сепак има еден заплет во целата приказна. Имено, дознавме дека девет лица престојувале таму и ги добивме имињата на шестмина од нив заедно со Орбан, но две имиња останаа скриени. Затоа испратив официјално прашање до новото Министерство за надворешни работи“, истакнува Хадази.
Според него, во јануари било познато само дека најевтината соба во овој хотел чини 250 илјади форинти (приближно 690 евра) од ноќ, додека цената на најскапиот апартман достигнува шест милиони форинти (16.570 евра). Сега, меѓутоа, е потврдено дека Орбан престојувал во апартман „Делукс“ , кој чини речиси 1,5 милиони форинти ( 4.142 евра ) од ноќ, и дека деветчлената делегација потрошила вкупно над 20 милиони форинти (50.000 евра).
Податоците покажуваат дека покрај Орбан, уште две лица (чии идентитети не се откриени) од делегацијата биле сместени во гореспоменатиот апартман, додека другите биле распоредени во соби од пониска категорија.
Вечерата на Орбан од 1,8 милиони форинти (4.966 евра), платена со пари од даночните обврзници, беше организирана во хотелски ресторан со две ѕвездички на Мишелин.
Интересно е што сметката за вечера не била на име на Орбан, туку хотелот го припишал трошокот на еден од членовите на делегацијата чиј идентитет не се открива. Исто така, имало и необичен трошок од 300 швајцарски франци (318 евра) за услуги за перење алишта за еден од членовите на групата, пишува Непсава.
Повикувајќи се на официјалната веб-страница на хотелот, Акош Хадази детално го опишува луксузот што го нуди „Долдер Гранд “ – од луксузниот ентериер и балконите што нудат неверојатен поглед на Циришкото Езеро и Алпите, до камините во спалните соби, до џакузи кадите и приватните сауни во бањите.
На својот Фејсбук профил ги наведе сите ставки од фактурата во швајцарски франци, што ги потврдува наведените износи. Покрај сега веќе поранешниот премиер, во приложените документи се наведени имињата на уште шест члена на делегацијата и двајца кои се цензурирани. Меѓу идентификуваните лица е и Јанош Мате, поранешен државен секретар на чело на Програмската канцеларија на премиерот и раководител на службата за односи со медиумите на Орбан, според текстот на унгарскиот портал „Непсава“.