Извадете ги јакните, од утре доаѓа арктички бран на Балканот

По речиси летните температури, Балканот го очекува нагол пресврт на времето. Од север продира значително постудена воздушна маса, која во следните денови ќе донесе остар пад на температурите, силен северен ветер и услови за првите утрински мразеви во повисоките и котлинските подрачја.

Метеоролозите ова го опишуваат како продор на поларна воздушна маса кон источна Европа и Балканот.

Во Македонија промената започнува веќе во вторник. Дневните температури на места ќе паднат за повеќе од 10 степени во однос на денешните, а северниот ветер локално може да достигнува 50–60 километри на час. Во Скопје прогнозата за вторник предвидува посвежо и ветровито време, со дневна температура до околу 26 степени.

Најголемата промена ќе се почувствува во утринските часови. Според актуелните модели, во одделни котлини и повисоки места температурите може да се спуштат до само неколку степени над нулата, со услови за појава на првиот утрински мраз. На повисоките планини во делови од Балканот, особено во Босна и Србија над 1.600–1.700 метри, се очекуваат и првите снегулки за сезоната.

Овој продор не значи дека Балканот влегува директно во зима. Станува збор за краткотраен, но изразен температурен пресврт со кој летните услови нагло ќе бидат заменети со типично есенско време. Според прогнозите, кон крајот на неделата се очекува постепено затоплување.

Наглото заладување може да биде особено важно за земјоделството, бидејќи раните мразеви можат да бидат ризични за чувствителните земјоделски култури. Дополнително, силниот северен ветер ќе го засили чувството на студ, додека врнежите и наглата промена на температурите ќе означат вистински пресврт од лето кон есен.

За граѓаните, најголемата промена ќе биде температурниот шок – за само еден ден од температури над 30 степени до услови кои наутро ќе личат на доцна есен.

е-Трн да боцка во твојот инбокс