Руски воени канали признаа тактички пораз и дебакл на фронтот кај Лиман

Украинските сили по четиримесечен молк ги потиснаа руските единици кон реката Жеребец и ослободија околу 200 квадратни километри.

Руски воени блогери и аналитичари отворено признаа сериозен неуспех на северот од Доњецката област откако украинската војска со тивка офанзива ги врати под контрола позициите околу реката Жеребец. Операцијата, која се одвиваше под строг информативен молк уште од мај, го отстрани непосредниот притисок врз одбранбената линија кај Лиман и ги наруши плановите на Москва за опколување на клучната урбана оска Славјанск и Краматорск.

Украинската команда уште кон крајот на мај испрати искусни единици, претежно од Третиот армиски корпус, на линијата на фронтот на педесетина километри северно од Славјанск. На тој потег руската 20. комбинирана армија со месеци се обидуваше да изгради мостобран на западната страна од реката Жеребец за да ги пресече патиштата за снабдување на бранителите во Донбас.

Украинските војници тргнаа истовремено од два правци: кон север од Лиман и кон југ кон селата Ридкодуб, Катеринивка и Нове. Според проценките на истражувачкиот центар „Блек брд груп“ од Финска, со оваа операција се вратени околу 200 квадратни километри територија, а руските сили се вратени на почетните позиции покрај самата река.

Првите признанија за пресвртот на теренот не дојдоа од официјален Киев, туку од руските воени дописници на мрежата Телеграм. Каналот „Рибар“, кој редовно соработува со руското Министерство за одбрана, објави дека состојбата кај Лиман е алармантна. Блогерот Анатолиј Шариј состојбата ја опиша директно како „дебакл на лиманскиот фронт“.

Слична порака упати и каналот „Дневник десантника“, наведувајќи дека руските единици претрпеле непријатен тактички пораз, иако тврдат дека успеале да извлечат дел од живата сила пред да се затвори целосниот обрач. Прорускиот аналитичар Јуриј Котенок јавно се пожали на целосниот информативен мрак што го наметна украинската армија за време на четирите месеци борби.

Командантот на украинскиот Трет армиски корпус, бригадниот генерал Андриј Билецки, соопшти дека единиците под негова команда ги елиминирале џеповите на непријателска инфилтрација на северот од Доњецк. Канцеларијата за односи со јавноста на украинската армија не открива дополнителни тактички потези додека траат борбите.

Воениот експерт Конрад Музика од Полска оценува дека значењето на оваа акција не е само локалното поместување кај Лиман, туку спречувањето на рускиот план за двострано опколување на агломерацијата Славјанск и Краматорск. Москва со месеци ги насочува главните ресурси кон јужниот дел на Доњецк, што остави послабо бранети позиции на северот каде украинската војска го искористи просторот за контранапад.

е-Трн да боцка во твојот инбокс