Пресудите во Нирнберг биле прочитани на 30 септември и 1 октомври 1946 година. Дванаесет обвинети биле осудени на смрт, тројца на доживотен затвор, четворица на долги затворски казни, а тројца биле ослободени. Трибуналот ги прогласил за злосторнички организации раководството на Нацистичката партија, Гестапо, СД и СС.
Осумдесет години подоцна, Нирнберг се смета за пресвртница во развојот на меѓународното кривично право: поединците можат да сносат кривична одговорност за меѓународни злосторства, а државната функција или наредбата од претпоставен не претставуваат автоматско ослободување од одговорност.
Суд наместо погубување

Трибуналот го основале Велика Британија, САД, Франција и Советскиот Сојуз на 8 август 1945 година. Судењето започнало на 20 ноември 1945 година. Градот не бил избран случајно. Нирнберг бил центар на големите нацистички пропагандни собири, а сојузниците сакале истиот град да стане симбол и на судењето на нацистичкото раководство.
Обвинението имало четири точки: злосторства против мирот, воени злосторства, злосторства против човештвото и заговор за извршување на овие злосторства. Секоја од четирите сили дала по еден судија, а за осудителна пресуда биле потребни гласовите на најмалку тројца.
Пресудите
Од 24 обвинети, пресудата се однесувала на 22. Роберт Леј се самоубил во затворот пред почетокот на судењето, додека Густав Круп поради здравствената состојба не можел да му биде судено. Ослободени биле Хјалмар Шахт, Франц фон Папен и Ханс Фриче. На доживотен затвор биле осудени Рудолф Хес, Валтер Функ и Ерих Редер.
Меѓу осудените на смрт бил и Мартин Борман, кому му било судено во отсуство, бидејќи неговата судбина по падот на режимот сè уште била непозната. На 16 октомври 1946 година биле обесени десетмина од осудените на смрт: Ханс Франк, Вилхелм Фрик, Јулиус Штрајхер, Алфред Розенберг, Ернст Калтенбрунер, Јоахим фон Рибентроп, Фриц Заукел, Алфред Јодл, Вилхелм Кајтел и Артур Зајс-Инкварт.
Херман Геринг, еден од највисоките функционери на нацистичкиот режим, се самоубил со цијанид неколку часа пред планираното погубување. Телата биле кремирани, а пепелта фрлена во реката Изар. По главниот процес, САД организирале уште 12 последователни процеси во Нирнберг. Во нив биле обвинети 199 лица, од кои 161 биле осудени, а 37 добиле смртна казна.

Злосторството што доби име
Насловот на овој текст не е само метафора. Пред Нирнберг, меѓународното право веќе познавало одредени правила за војување и одговорност, но Нирнбершкиот трибунал го направил принципот на индивидуална одговорност за меѓународни злосторства централна правна основа. Токму на Нирнбершкиот процес „злосторствата против човештвото“ станале дел од обвинението и правната аргументација на меѓународен суд.
Зборот „геноцид“, пак, го создал полскиот правник Рафаел Лемкин во 1944 година. Терминот се појавил во обвинителниот акт во Нирнберг, иако самиот трибунал не го прогласил геноцидот за посебно кривично дело. Од тие процеси и принципи подоцна се развиле Конвенцијата на ОН за спречување и казнување на злосторството геноцид, трибуналите за поранешна Југославија и Руанда и, подоцна, Меѓународниот кривичен суд.
Нирнберг го отвори и едно од најважните правни прашања на повоениот свет: дали наредбата од претпоставен може да го ослободи од одговорност оној што ја извршил?
Македонските Евреи и правдата што не стигна до сите
За Македонија, Нирнберг има и лична димензија. По окупацијата во април 1941 година, Германија ја предала управата над поголемиот дел од Вардарска Македонија на Бугарија. На почетокот на 1943 година во Бугарија пристигнал германскиот СС-офицер Теодор Данекер, за да го надгледува спроведувањето на антиеврејската политика.
На 22 февруари 1943 година во Софија била потпишана спогодба за депортација на 20.000 Евреи од териториите под бугарска окупација во Тракија и Македонија. Ноќта меѓу 10 и 11 март 1943 година, 7.144 македонски Евреи од Скопје, Штип и Битола биле собрани во скопскиот Монопол. Во три транспорти, почнувајќи од 22 март 1943 година, биле испратени со товарни вагони до Лапово, каде што биле предадени на германските власти. Потоа биле депортирани во логорот на смртта Треблинка и убиени.
Тоа е една од најтрагичните страници во историјата на македонските Евреи. Одговорните за оваа депортација не седеле на обвинителната клупа во главниот Нирнбершки процес. Тој процес бил посветен на врвот на нацистичка Германија, додека гонењето на соработниците и локалните извршители било во голема мера оставено на националните судски системи.
Токму затоа прашањето за правдата не завршува со Нирнберг. Годинава, на 83-годишнината од депортацијата, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова предводеше делегација во Меморијалниот центар Треблинка во Полска.
Нирнберг не ги врати убиените. Но воспостави еден принцип што ќе стане темел на современото меѓународно кривично право: државата не може засекогаш да биде штит зад кој поединецот ќе се скрие за злосторствата што ги извршил.
Осумдесет години подоцна, тој принцип останува дел од правниот одговор на светот кон најтешките злосторства.