Search

Тамара: Не ми се оствари желбата за лавица во спотот, но „Нијагара“ ја поплавува публиката

„Во последниот спот, за песната „Нијагара“ сакавме да имаме лавица, но на крај не се реализираше планот. Лавицата одлично ќе се вклопеше во приказната, но ете, можеби во некоја друга прилика… Што се однесува до настапи, навистина имав успешен концерт во Лондон, пред две недели, во престижниот клуб The Water Rats. Најавувам дека ќе имам настапи низ Македонија. “- раскажа Тамара Тодевска за рубриката „Боцкаме во сабота“.

Трн: После толку години во музиката со што ќе ја замениш кариерата?

Тамара: Музичката кариера не би ја заменила со ниту една друга. Затоа што ова сум јас. Музиката е мојата крвна група.

Трн: До кога со музика, има ли крај пеењето? 

Тамара: Со музика ќе бидам додека сум жива. Затоа што музиката е мојата прва љубов. Ова го правам од мала и уживам во музиката во секоја смисла. Ми го поставиле ова прашање и секој пат сум уште поубедена во одговорот.

Трн: За каков концерт сонуваш?

Тамара: Мојот бенд и мојата публика не би ги заменила за ништо друго. Искрено, локацијата е залудна ако немаш квалитетен звук и feedback од публиката. Секоја локација може да биде незаборавна ако го почувствуваш vibe-от, се вложиш себе си и тоа публиката го препознае и со иста мера ти го враќа. Среќна сум што ова сум го искусила безброј пати.

Трн: Што си сакала отсекогаш да имаш во спот ама не си смеела да го ставиш?

Тамара: Во последниов спот, за „Нијагара“ сакавме да имаме лавица, но на крај не се реализираше планот. Лавицата одлично ќе се вклопеше во приказната, но ете, можеби некоја друга прилика… Многу сакам животни и оттука ми е и желбата.

Трн: Која и каква публика те инспирира да си своја на сцената?

Тамара: Дома си е дома, секако дека домашната публика е најдобра. Дома најдобро те познаваат, и емоцијата е неверојатна, неспоредлива… Но, сум имала многу успешни настапи и надвор од Македонија. Еве, пред некоја недела бев дел од предевровизиски настан во Лондон и неверојатно е чувството кога ќе слушнеш како “Proud” ја пејат во еден глас. Ежење.

Трн: Што те вади од кожа во музиката?

Тамара: Денеска некако се поместија границите за добро и лошо, вкусно и невкусно, квалитетно и лошо. Не сакам да судам, но не правам компромис кога станува збор за лош глас и недостаток на талент. Со лоша композиција или спот – имате шанса за поправен, но со лош глас, малку потешко. Едноставно, не е секој за микрофон. Како и сите што не можемеда бидеме лекари, адвокати, кувари, така и секој не може да биде пејач/ка.

Трн: Кому сакаш да му запееш и да не престанеш?

Тамара: Веројатно очекуваш конкретно име, но секогаш сакам да сум искрена… Не би запрела со пеење пред човек, пред луѓе, кои знаат да уживаат во мојата интерпретација и кога ќе кликнеме со енергиите… Е, тогаш буквално може да нема крај. Баш пред некој месец, на концерт во Скопје, пеев два и пол саати, уживав во настапот, па организаторите се обидуваа да ми дадат знак за да престанеме со бендот.  

Трн: Со што си окупирана периодов, има ли новости за фановите?

Тамара: Многу работа, многу снимање, интервјуа, нови композиции… Баш пред два – три дена се вратив од Белград, каде што за три дена имав повеќе од 15 интервјуа, јавни настапи, пеење во живо… Ја промовирам мојата нова песна „Нијагара“, но го најавуваме и тоа што ни претстои. Подготвуваме нова музика, динамичен ритам и верувам дека ќе уживате.

Трн: Дали Скопје и Белград ти остануваат главните дестинации или сакаш да ги поместиш границите?

Тамара: Белград ми е втор дом и таму секогаш поминувам одлично. Планирам и многу настапи во другите земји од регионот: Загреб, Љубљана, Сараево, Подгорица… Но, имав навистина успешен концерт и во Лондон, пред две недели, во престижниот клуб The Water Rats. Ќе ме има дома, но интензивно ќе сум присутна и во регионот и низ Европа.

Трн: Ние во сабота боцкаме, а ти?

Тамара: Па, зависи… Саботата често ми е работна. Имам концерти во Скопје, низ Македонија… Кога не работам, кога немам концерт тогаш во стандардно друштво: Хана, Дарен и Тоби. Парк, ручек, многу смеење и по некоја караница, ха ха ха… Од прилика тоа ни е викенд-агендата.

Трн: Кога не пееш што правиш?

Тамара: Пејам, ха ха ха… Тоа што го прават и сите други. Обврски околу децата, снимање на нова музика во студио, теретана, кафе со другар(к)ите…

Трн: Тој што пее зло не мисли, на што мисли?

Тамара: Мисли на многу позитивна енергија, на убави работи… Не знам, но не секој може да сфати дека ние што се занимаваме со оваа професија навистина сакаме да предизвикуваме убави емоции и среќа кај другите. И тоа е бесценето и многу благодарно во оваа работа.

Трн: Се гледаме наскоро?

Тамара: Ќе се гледаме по повод музика, за нови песни и видео спотови. Ќе имам повеќе концерти низ Македонија претстојниов период, но и во околните земји, така да, следете нѐ и добредојдени сте сите.

Најново

Последни колумни