Судот во Рабат изрече затворски и парични казни за 18 навивачи на Сенегал, кои беа приведени за време на финалето на Африканскиот куп на нации во Мароко. Според пресудата, тие добија казни затвор во траење од три месеци до една година.
Обвинителството ги товареше за хулиганство, насилство врз полицијата, оштетување спортска опрема, неовластено влегување на теренот и фрлање предмети. Деветмина се осудени на една година затвор и парична казна од 5.000 дирхами, шестмина добија по шест месеци затвор и 2.000 дирхами, додека тројца се казнети со три месеци затвор и 1.000 дирхами. Обвинителството претходно побара казни до две години затвор.
Адвокатот на дел од осудените, Патрик Кабу, ја оцени пресудата како неразбирлива и најави жалби. Некои од навивачите реагираа во судницата, изразувајќи незадоволство од одлуката, иако за време на сослушувањето истакнале дека жалат за инцидентите и нагласиле дека мароканскиот и сенегалскиот народ се братски.
Нередите избувнаа за време на драматичното финале на Африканскиот куп на нации, во кое Сенегал по продолженија го совлада домаќинот Мароко со 1:0. Инцидентите кулминираа во судиското продолжение, кога беше досуден пенал за Мароко по поништен погодок за Сенегал. Дел од навивачите се обидоа да влезат на теренот, а играчите на Сенегал накратко го напуштија теренот, по што следуваше прекин од речиси 20 минути.
Во продолженијата, Брахим Дијаз не успеа да реализира пенал, откако неговиот обид го одбрани голманот Едуар Менди. Победничкиот погодок го постигна Папе Геје, носејќи му ја титулата на Сенегал.