125 години од раѓањето на Луис Армстронг

Луис Армстронг цел живот верувал дека е роден на 4 јули 1900 година. Вистинскиот датум – 4 август 1901 година – бил откриен дури 17 години по неговата смрт. Годинава се навршуваат точно 125 години од неговото раѓање.

На 4 август 1901 година, во сиромашна населба во Њу Орлеанс, во американската сојузна држава Луизијана, е роден Луис Армстронг – трубач, пејач и една од најзначајните и највлијателни личности во историјата на џезот. Цел живот верувал дека е роден на 4 јули 1900 година, бидејќи мајка му му раскажувала дека таа вечер небото било осветлено од огномет. Вистинскиот датум бил откриен дури во 1988 година, кога била пронајдена неговата крштелница, седумнаесет години по неговата смрт. Денес, 125 години по неговото вистинско раѓање, Армстронг останува синоним за жанрот што помогна да се обликува.

Детство во сиромаштија

Армстронг пораснал во една од најсиромашните населби во Њу Орлеанс, во дел од градот познат како „Back o’ Town“ („Задниот дел на градот“). Бил син на деветнаесетгодишниот работник Вилијам Армстронг и петнаесетгодишната Мери Ен Алберт. Бидејќи родителите често биле отсутни, голем дел од детството го поминал на улица, пеејќи со соседските деца за ситни пари и барајќи храна низ кантите за отпадоци.

Во 1913 година, откако испукал пиштол во воздух за време на новогодишната ноќ, бил испратен во Поправниот дом за обоени момчиња во Њу Орлеанс. Токму таму, иронично, ја добил својата прва музичка едукација и првпат земал корнет в раце.

Улицата, менторот и патот до трубата

По напуштањето на домот, без формално образование, Армстронг работел различни физички работи за да преживее – продавал весници, истоварувал бродови и носел јаглен.

Решен да стане музичар, почнал да настапува и да ги посетува локалните барови и танцови сали во Њу Орлеанс, каде што го запознал Џо „Кинг“ Оливер – еден од најдобрите трубачи во градот. Оливер станал негов ментор, учител и, во голема мера, замена за отсутниот родителски авторитет.

Во 1922 година Армстронг ја прифатил поканата да му се придружи во неговиот бенд и се преселил во Чикаго, каде што започнала неговата голема кариера.

„Hot Five“, „Hot Seven“ и новото лице на џезот

Во Чикаго, а потоа и во Њујорк, Армстронг развил револуционерен пристап кон трубата и импровизацијата. Наместо дотогаш доминантното ансамблово свирење, во преден план го поставил виртуозното соло, менувајќи го начинот на кој дотогаш се сфаќал џезот.

Неговите снимки со составите Hot Five и Hot Seven, создадени во втората половина на дваесеттите години, денес се сметаат за едни од најважните дела во историјата на џезот.

Во истиот период се родил и еден од неговите најпознати придонеси кон музиката. За време на снимањето на песната „Heebie Jeebies“ во 1926 година, наводно му паднал листот со текстот, па наместо да го прекине снимањето, почнал да импровизира со бесмислени слогови. Така настанал еден од најпознатите примери на скет-пеење, техника што подоцна станала препознатлив белег на џезот.

Од музичар до светски амбасадор

Со текот на годините Армстронг не бил препознатлив само по своето мајсторство на трубата, туку и по карактеристичниот, засипнат глас. Неговата изведба на „What a Wonderful World“ од 1967 година стана една од најпрепознатливите песни на 20 век.

Во 1950-тите и 1960-тите години американската влада го испраќала на бројни турнеи низ Африка, Европа и Азија како неформален културен амбасадор. Во времето на Студената војна, неговата музика станала дел од американската културна дипломатија, додека дома сè уште траела борбата за граѓански права.

Наследство што го надминува џезот

Луис Армстронг починал на 6 јули 1971 година во Њујорк. Иронично, само два дена претходно го прославил роденденот за кој цел живот верувал дека е неговиот вистински.

Неговото влијание врз музиката останува огромно. Тој ја промени улогата на солистот во џезот, помогна во популаризацијата на скет-пеењето и покажа дека музичар кој потекнува од маргинализирана заедница може да стане глобална културна икона.

Сто дваесет и пет години по неговото вистинско раѓање, Луис Армстронг останува едно од ретките имиња што не само што ја одбележаа историјата на џезот, туку и засекогаш го променија начинот на кој светот ја доживува музиката.

е-Трн да боцка во твојот инбокс