Десет години по светската премиера, „Џган“ на Вардан Тозија повторно се враќа пред македонската публика. Филмот, кој ја отвори темата за насилството, маргинализацијата и молкот на општеството, вечерва повторно ќе се прикажува на големо платно, вечерва под отворено небо во Скопје во склоп на „Rooftop Open Air Cinema“, на отворената катна гаража во Скопје Сити Мол, со почеток во 20.30 часот.

„Џган“ е еден од највпечатливите филмови на современата македонска кинематографија. По сценарио и во режија на Вардан Тозија, филмот ја имаше светската премиера во 2016 година на Chicago International Film Festival, а десет години подоцна јубилејот се одбележува со специјална проекција во Скопје.
Филмот е криминалистичка драма од 2016 година, со времетраење од околу 100 минути. Приказната следи тивко и повлечено момче од дом за деца без родители, кое по низа сурови искуства се претвора во водач на група отфрлени млади. Од жртви тие стануваат оние што решаваат да му возвратат на светот со насилство.
Главната улога ја игра Мартин Ѓоргоски, а во филмот настапуваат и Дениз Абдула и Никола Ристановски, како и Сара Климоска, Љупчо Тодоровски, Адем Карага, Горан Стојановски, Игор Стојчевски, Борис Дамовски, Марија Кондовска, Ристо Буразденов и Мартин Живковски.
Мотото на филмот е „Никој не е роден насилен“, а токму во него е концентрирана една од главните идеи на Тозија, насилството не се појавува од ништо, туку се создава во средина на отфрлање, злоупотреба, неправда и молк.
Самиот режисер денес вели дека „Џган“ настанал како „крик на очај и гнев“ и како реакција на времето, на мрачните настани и на молкот на општеството. Во неговата интерпретација, оние што се на маргините се тие што на крајот го прекинуваат молкот и му возвраќаат на системот.
„Џган настана како крик на очај и гнев — од времето во кое живееме, од мрачните настани и луѓето, кои ги дефинираа нашите животи… и, пред сè, од нашиот кукавички молк да смениме нешто низ сите тие раздобја, па сè до денес. Во филмот, тој молк го прекинуваат токму најранливите — „пацовите“ фрлени на маргините, кои му возвраќаат на системот на единствениот начин што го знаат. „Џган“ е снимен со огромна посветеност и љубов, низ исклучително тежок процес, во кој, на некој начин, мазохистички уживавме. Прекрасно е чувството повторно да се види филмот на големо платно, во летното кино на Синеплекс под отворено небо, и заедно да ја одбележиме неговата десетгодишнина“.
Филм зад кој стои цела македонска екипа
„Џган“ е македонско-албанска копродукција. Македонски продуцент е Огнен Антов од „Дрим Фектори“, додека копродуцент е Енди Делиана од „Red Helicopter Films“ од Албанија. Филмот бил поддржан од Агенцијата за филм на Република Македонија и SEE Cinema Network.
Главните улоги ги играат: Мартин Ѓоргоски, Дениз Абдула и Никола Ристановски. И актерите Сара Климоска, Љупчо Тодоровски, Адем Карага, Горан Стојановски, Игор Стојчевски, Борис Дамовски, Марија Кондовска, Ристо Буразденов, Мартин Живковски…
Под максимата „Никој не е роден насилен“, Вардан Тозија го напиша сценариото и ја потпиша режијата на филмот. Дизајнот на шминка и маски ги изработи Горан Игњатовски, костимограф е Жаклина Крстевска, дизајнер на звук е Игор Поповски, авторската музика е на Александар Пејовски, сценографијата е дело на Кирил Спасески, директор на фотографија е Владимир Самоиловски, монтажер е Атанас Ѓеоргиев, кастингот го работеше Кирјана Николовска, а продуцент на филмот е Огнен Антов од Дрим Фектори.
Филмот бил реализиран како продукциски тежок проект, но токму неговата атмосфера, фотографија, музика и актерските изведби се издвојувале и во фестивалските критики.
Од Чикаго до повеќе континенти
По светската премиера во Чикаго, „Џган“ патувал на голем број меѓународни фестивали.
Меѓу потврдените фестивалски настапи се Braunschweig International Film Festival, Heimspiel International Film Festival, Eastern Neighbours Film Festival, Razor Reel, ExGround Film Festival, Cinedays, Göteborg International Film Festival, Balkan Florence Express, Lume Festival во Бразил, Guadalajara International Film Festival во Мексико, Festival Film Policier de Liège, Transilvania International Film Festival, Shanghai International Film Festival, Durban International Film Festival и Prishtina International Film Festival.
На Braunschweig International Film Festival во 2016 година, Мартин Ѓоргоски добил специјално признание за актерска изведба. На PriFest – Prishtina International Film Festival во 2017 година, „Џган“ ја добил FIPRESCI наградата за најдобар филм. Меѓународната федерација на филмски критичари во својата оценка посебно ја истакнува изведбата на Ѓоргоски, како и начинот на кој филмот ја претставува групата отфрлени млади како симбол на тивкото мнозинство спроти моќниците.
Филмот освои и Faro d’Oro – Големата награда на фестивалот во Отранто, Италија, во 2017 година. Жирито го опиша како моќна и болна приказна за тортурата, одмаздата и една генерација.
Во фестивалската кариера следуваа и други признанија, меѓу кои награди за актерската изведба на Мартин Ѓоргоски и фестивалски признанија за самиот филм.
Десет години подоцна – зошто „Џган“ сè уште удира?
Можеби токму тука е причината поради која „Џган“ повторно се прикажува десет години по премиерата. Филмот не зборува само за една група деца и млади луѓе од дом. Тој зборува за тоа што се случува кога општеството предолго не ги гледа оние што живеат на неговите маргини. За насилството што се раѓа од насилството. За институциите кои не успеваат да заштитат. За луѓето кои гледаат, но молчат. И за моментот кога оние што биле жртви решаваат самите да станат насилници.
Токму затоа продуцентот Огнен Антов, по десет години, вели дека денес во „Џган“ не гледа филм стар една деценија, туку приказна која „не застарела во ниту еден кадар“. Според него, најголемата награда не се фестивалските признанија, туку фактот што млади филмаџии му кажуваат дека токму „Џган“ им бил инспирација.
„Кога денес го гледам „Џган“, не гледам филм од пред 10 години, туку приказна, која не застарела во ниту еден кадар. Тоа е реткост, и признавам дека тогаш, кога го снимавме, не бев целосно свесен што сме направиле. Најголемата награда за мене, не е онаа од фестивалите, туку кога млад филмаџија ќе ми каже дека токму „Џган“ му бил инспирација. Затоа и после 10 години сакам новите генерации да го видат и да доживеат дека ЏГАН сè уште удира силно. Некои филмови стареат. Овој филм мислам дека само чека публиката повторно да го открие“.
„Џган“ повторно пред публика
По проекцијата вечерва е предвидена интерактивна средба на филмската екипа со публиката, а потоа и дружење по повод десетгодишнината од светската премиера. Десет години по Чикаго, „Џган“ повторно е пред македонската публика. И можеби најинтересното прашање денес не е дали филмот старее, туку дали општеството се променило доволно за неговата приказна конечно да стане помалку актуелна?